Во жалбата за притворот на бизнисменот Орце Камчев, која до Кривичниот суд ја поднел неговиот адвокат, се спори надлежноста на СЈО за овој случај, но и се наведува дека Камчев без налог за апсење бил однесен во судот.
Сепак, од СЈО ја демантираат оваа информација, посочувајќи дека налог за апсење на бизнисменот Камчев и на останатите четворица кои добија притвор како осомничени во истрагата „Империја“, постои и го потпишала судијката на претходна постапка Весна Димишкова. Исто така во судот се дадени и решенијата за надлежноста на СЈО.
Од Специјалното јавно обвинителство засега не откриваат колкав е бројот на „бомбите“, од каде што ја црпат надлежноста за овој случај, но истакнуваат дека бомби постојат. Исто така како што веќе објавија, од редовното обвинителство превзеле десетина предмети поврзани со овој случај, поради што е донесено одлуката истрагата да го опфати периодот од 2002-2013 година.
Од СЈО во петокот информираа дека ја отвориле истрагата „Империја“ против Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски, поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела Злосторничко здружување, Оштетување или повластување на доверители, Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама и Перење пари и други приноси од казниво дело.
-Во текот на предистражната постапка, со преземање на различни истражни дејствија како и со примена на посебни истражни мерки, се обезбедени доволно докази од кои произлезе основано сомнение дека во периодот од 2002 година до 2013 година осомничените ги сториле кривичните дела што им се ставаат на товар лично и преку правни лица кои биле или се во нивна сопственост, соопштија од СЈО.