Ристовски: Зошто се одложуваше одлуката за Деваја, да не се чекаа послушни членови од Речица?

by fokus

Откако врховниот судија Шпенд Деваја беше само писмено опоменат од Судскиот совет, поради сторена дисциплинска повреда, незадоволство од ваквата одлука изрази бизнисменот Ристо Ристовски, кој му ја поднесе претставката.

-Со ваквото одлучување, судството нема да остане ни со досегашните 8% доверба. Јас не се откажувам, ќе продолжам понатаму, повторно, по не знам кој пат ќе ги известам сите амбасади, за донесената одлука од Судскиот совет. Ќе ги замолам да проверат од која причина се одложуваше одлуката или можеби чекаа да донесат послушни нови членови диригирани од Речица. Одам понатаму, не запирам. За ова ќе слушне и Европа и Америка, вели Ристовски.

Неделникот „Фокус“ неодамна пишуваше за овој случај, поточно, објавивме дека тетовски бизнисмен покрена постапка пред Судскиот совет за разрешување судија од највисокиот суд во државата. Сопственикот на „Петрол компани“, Ристовски бараше од членовите на Советот да ја утврдат одговорноста на врховниот суд Шпенд Деваја, затоа што сметал дека сторил тешка дисциплинска повреда, со тоа што не се изземал и учествувал како претседател во Советот во Врховниот суд, за предмет во кој тој бил адвокат на спротивната страна во постапка пред Основниот суд во Тетово во 2007 година.

Токму за овој случај Советот одлучи само да го опомене судијата Деваја, иако во 2018 година, за идентична ситуација немал дилема и разрешил управен судија.

Поврзани новости