Чичкото открива детали за исчезнатите мајка и ќерка од Куманово

by fokus

На 24-ти август нашата Елиф беше кај нас, и правевме роденденска забава, наполни седум години, а последниот контакт со неа го имавме на 28-ми август. Детето ни го нема, ја нема и мајка и Сабина Сабединовска (32), се сомневаме дека нешто лошо им се има случено – за ,,Фокус” раскажува Шабан Идиќ, чичко на Елиф од Куманово.

Таа и нејзината мајка се пријавени за исчезнати, као што вели чичкото, на трети септември. Раскажува дека целото семејство е вознемирено, и се во исчекување на било какви информации за исчезнувањето.

-Сабина му беше сопруга на мојот брат, ја добија ќеркичката Елиф. Се разведоа пред околу три години, но Елиф остана во постојан контакт со татко и и со сите роднини. Секоја втора недела таа доаѓаше кај нас.


Пред осум месеци, почина мајката на Сабина, и тогаш таа се омажи за извесен Дехран Камберовски. Тој дојде да живее со нив, во домот на мајката на Сабина. За него знаеме дека на социјалните мрежи се претставува како Виктор Викторовски, по потекло е од Србија. Дошол во Куманово да чува овци, но откако се ожени со Сабина, престанал да работи. И Сабина не работеше, добиваше социјална помош.

Од она кое го знаеме, тој не се однесувал добро со Сабина, токму поради тоа се сомневаме дека нешто лошо им се има случено со Елиф. Таа не ни тргна на првиот училишен ден! Никогаш во минатото не поминало толку време, а да немаме контакт. Елиф нема пасош, а без согласност од таткото не смее да биде изнесена надвор од земјава.


За Сабина побаравме информација дали извадила пасош, но се уште чекаме одговор од надлежните.
Веруваме дека против нивна волја се однесени некаде – раскажува Шабан Идиќ.

Појаснува дека откако престанал нивниот контакт со Елиф и Сабина, Дехран уште некое време потоа бил забележан низ градот. Сега, вели дека ниту од него нема трага.

-Дехран има 42 години. Наша претпоставка е дека тој беше илегално во земјава, без документи. Веќе измина долго време откако сме без било каква информација за Елиф, но и за Сабина, нашите грижи растат се повеќе со секој нов ден.

Објавени се повеќе апели на социјалните мрежи, има и некои грешки во објавите, како на пример дека тие исчезнале на 11-ти септември, што не е точно, а исто така во една објава пишува дека и Дехран ги барал. Ништо од тоа не е вистина, детето и мајката ги бараме ние, таткото и неговите роднини, и молиме за помош од јавноста.

Доколку некој има било каква информација, слободно нека ме побара на 078 234 029 или пак веднаш нека се јави во полиција. Замолуваме за помош во нивното пронаоѓање, бидејќи ги нема цел месец и со право сме презагрижени – изјави Идиќ.

Вики Клинчарова

Поврзани новости