„Обвинителството во обвинителниот акт и воведните зборови обвинуваше дека ние на почетокот на 2017 година по неуспешните преговори за формирање на Влада сме изготвиле план со намера да го загрозиме уставниот поредок и безбедност на Република Македонија, а во однос на тој план, дејствието кое сум го превземал е непосредно и секојдневно, сум ги контактирал и координирал градскиот комитет и месните комитети на партијата како и организаторите на протестите“, истакна денеска Спиро Ристовски на завршните зборови за случувањата на 27-ми април.
Тој е убеден дека не постои доказ дека зел учество во немилите настани кои се случија во Собранието пред четири години.
„Согласно Кодексот за работа на јавните обвинители, етичка одговорност на обвинителот е да обезбеди точно сведочење и докази со кои ги докажува обвиненијата, а етичка должност е да презентира целосни, а не парцијални факти, измислици или пристрасни обвинувања. Би сакал да истакнам дека Обвинителството не презентираше ниту еден доказен, ниту материјален, ниту вербален за да докаже дека јас со другите обвинети сум учествувал во подготовка на некаков план“, истакна Ристовски.