Доктор Владимир Ристовски кардиолог во Градската болница „8 септември“ во изјава за „Фокус“ тврди дека Македонија е на високо ниво на трансмисија на коронавирусот, што може да го загрози целиот здраствен систем за неколку дена или седмици.
„Нашата состојба е многу комплицирана, предизвикувачка и тешка бидејќи нивото на локално пренесување е многу високо. Изминатиов период и покрај многубројните апели и совети од страна на медицинската фела и министерството за почитување на мерките за заштита и превенција од вирусот се покажа дека граѓаните не можат сами, свесни се дека има скептици и недисциплинирани за кој што страдаат и останатите, затоа сега речиси секој смета дека е подобро да се воведат карантин, строги мерки и ригорозни казни. Покрај граѓаните и државата покажа дека не може, зашто самата не ги почитува сопствените закони – истакна кардиологот Ристовски.
Тој додава дека со оглед на вртоглавиот раст на бројките на заразени на КОВИД 19, со секојдневите рушења на рекорди, ќе се доведеме во ситуација да целиот здравствен систем лекува само една патологија, а ова воедно го нагласил и ресорниот министер.
„Се пополнуваат сите болнички капацитети, места се се помалку, секојдневно се отвараат дополнителни капацитети кој што се пополнуваат за помалку од 24 часа, полека се ангажираат сите здравствени работници, не само инфектолози, интернисти и анестезиолози како до сега, туку и гинеколози, хирурзи, очни лекари и друг медицински персонал што е за особена почит кон нив да заедно се изборме со ова. Искрено ова требаше да се направи поодамна, на самиот почеток кога се гледаше дека вирусот го зема својот замав. Состојбата е иста речиси во цела Европа така што некои држави и тоа она побогатите воведоа и карантин и бројни рестриктивни мерки во движењето на населението – додава докторот.
Според него, смртоноста е зголемена последниов месец што кореспондира со значајниот скок на новозаразени, се повеќе пациенти се примаат со екстремно тешка клиничка слика и ниска кислородна сатурација, голем број од нив се лекувале во домашни услови, а болеста ако навреме не се препознае и не се третира, напредува многу брзо.
„Неретко пациентите не успеваат да стигнат и до респиратор. Зголемената смртност не е резултат на неквалитетноста на медицинскиот кадар, туку прашањето е дали нашиот здравствен систем може да згрижи толку луѓе одеднаш и со тоа да се обиде да го забави растот на смртните исходи од ковид-19, и на секој поединец да му пружи максимална здраствена услуга, а можам да забележам и на слабата коминикација помеѓу болниците во делот на хоспитализацијата на пациентите. Во Скопје има повеќе од 450 пациенти на инфективните и интернистичките оддели, а вкупно хоспитализираните во земјава се повеќе од 1300 пациенти, а исто така е отприлика и бројот на пациенти кој што се лекуваат во домашни услови кој што ги контролираат матичните лекари. Ако продолжи со исто темпо на оваа крива на раст на болни, здраствениот систем неминовно оди кон колапс во наредниот период – објаснува доктор Ристовски.
Тој уште додава дека бројот на медицинскиот пероснал е тој и квалитетот е на прво место.
„Со ваков енормен пораст на новозаразени тешко дека ќе се овозможи да сите пациенти добијат максимална здрваствена грижа. Дури и ако имате пари, сега не можете дури и да се лекувате во приватните болници, зашто и таму капацитетите се исполнети и има листи на чекање иако само за лекување ќе потрошите минимум 12.000 евра. Се рабира една прифатлива идеја која што ја слушнав деновиве е и национализирање на приватните болници зашто секој поединец има право на здравствена заштита и лекување. Затоа населението треба да го намали колку што е можно движењето, непотребното групирање и почитување на мерките на заштита, а државата треба да е таа која што треба да ги санкционира сите оние кој што не се придружуваат кон мерките на заштита и да не се политизира оваа здрваствена криза ,туку да бидеме сплотени сега кога најмногу ни треба – додава кариологот.
Ирена Мулачка