Академската фела си го враќа заслуженото место во нашето општество, смета проф. Ристов

by Fokus

„Денес беа исплатени повисоките плати во согласност со Колективниот Договор кој почна да се применува од 1.1.2024 година. Синдикатот е задоволен од постигнатиот историски успех – враќање на угледот и достоинството на УКИМ и подобрување на стандардот на вработените со добивањето на достојни плати. Почитувањето на Колективниот договор од страна на државата е израз и потврда на загарантирана со Уставот, Автономија на Универзитетот. Но, и поттик и обврска за наставниот кадар за поголеми научни вложувања и достигнувања во иднина. Со правата добиени од Колективниот договор академската фела си го враќа заслуженото место во нашето општество и дигнитет како предводник на прогресот и напредокот на државата“, вели претседателот на Сојузот на синдикатите на УКИМ, проф. Ангел Ристов.

Околу 3.000 професори, асистенти, административни и технички лица на својата сметка денес добија плата повисока за 22 отсто, а дополнително зголемување за одреден процент ќе има и од месец март, кога е предвидено и зголемување на минималната плата во државата.

Зголемувањето за академските работници се должи на истрајната посветност и работа на Сојузот на синдикати на УКИМ кои во преговори со Собранието и ресорните министерства успеаа да го верификуваат Колективниот Договор, вели тој.

Ристов вели дека соработката на УКИМ со државата треба да продолжи, а за де се има подобро и поквалитетно образование потребно е повеќе да се вложува во истото.

„Ако една држава сака да чекори по стапките на прогресот мора задолжително да води сметка за науката и високото образование на младите. Тие се нашата иднина. Затоа државата треба да ги зголеми буџетските средствата за наука и истражувања ако сака да го унапреди квалитетот во високото образование и науката за доброто на граѓаните“, смета Ристов.

Поврзани новости