Ристоска: Бараме максимални казни за Мијалков, Грујевски и Николиќ за незаконското прислушување

by fokus

И покрај сите пречки со кои се соочи обвинителството, сепак успеа да докаже дека обвинетите ги сториле делата, рече обвинителката Ленче Ристоска, на крајот на денешниот завршен збор за случајот „Таргет и Тврдина“.

-Предлагаме судот да ги огласи обвинетите за виновни и да ги осуди според законот. Повредата на уставните права и слобода на граѓаните кои разговори биле прислушувани е од досега невидени размери. Во оваа насока, иако е запретена максимална казна до 5 години, сметаме дека нема пречка за Сашо Мијалков, Горан Грујевски и Надица Николиќ да бидат казнети со максималните казни за сите кривични дела кои им се ставаат на товар, истакна обвинителката Ристоска.

Таа истакна дека додека читала кој од оштетените во колкав временски период биле прислушувани, не можела а да не си го постави прашањето дали во УБК не ја научиле ликцијата од минатото и повторно посегнале по приватноста на граѓаните.

Обвинителката Ристоска истакна и дека нема да се сложи со сведокот Зоран Верушевски, кој во своето сведочење потсети дека во речникот постои и збор простување.

-Нема да се сложам со сведокот Верушевски, кој истакна дека во речникот има збор простување. Се додека проштеваме и дозволуваме неказнивост, ние потикнуваме незаконито постапување.

За да има простување, рече таа, прво мора да има и одговорност, а и каење.

-Не е само мое уверување туку и според универзалните правила поддржани од етиката како наука и религијата, простувањето е чин кое следи на покајанието односно чин кој следи откако ќе биде преземена одговорност за преземените дејствија и откако ќе биде изразено каење за последиците. Затоа сè додека дозволуваме да владее неказнивоста и проштаваме без преземање одговорност, ние всушност поттикнуваме нови и поголеми злоупотреби на системот, заврши Ристоска.

Наредното рочиште продолжува на 19 февруари, кога завршни зборови треба да дадат обвинетите и нивните адвокати.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.

Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.

В.В.

Поврзани новости