Прилепскиот градоначалник Марјан Ристески и кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за уште еден градоначалнички мандат денеска се пофали дека Прилеп го има еден од најуредените и најубави пазари во Македонија.
-Покриен е централниот градски пазар каде се продаваат зелени производи, поплочен е стариот градски пазар со бекатон плочки. Избушен е бунар на длабочина од 40 метри од кој се мие површината во внатрешноста на пазарот со техничка вода, извршена е реконструкција на целокуната водоводна мрежа во рамките на пазарот. Поставен е лед-дисплеј на влезот од пазарот на кој граѓаните ќе можат да ги следат сите активности на пазарот. Осветлен и покриен е целиот текстилен пазар, изградени се нови деловни објекти на местото на старите и руинирани објекти на просторот околу зелениот пазар и многу други објекти, се поставија нови подземни контејнери за прв пат во историјата на Прилеп – рече Ристески.
Тој додаде дека во иднина пазарот ќе произведува и електрична енергија, ќе биде покриен со фотоволтаични панели, поставени на површина од 1.000 квадратни метри.