Кога EK ќе искористи речник „загриженост“ значи дека рабoтите не чинат, вели д-р Малинка Ристеска – Јорданова во вечерашното гостување во Топ Тема, коментирајќи го најновиот извештај на ЕК за напредокот на Македонија кон европскиот пат.
Ристеска – Јорданова, даде дел од анализата на Институтот ЕПИ, кој ќе ја објави утре. Според анализата, Македонија има девет нули, односно оценка на „стоење во место“ или нема напредок во клучни сегметни.
-Една од овие девет „0“ е во функционирање на правосудството, каде се забележани сите настани во Судскиот совет, како разрешувањето на претседателката, но има и други работи, како неусвоена стратегија за правосудството, како и во делот на советот за јавни обвинители, за изборот на шеф на обвинителството за организиран криминал. Единствена светла точка има некаде кај Врховниот суд кој се потрудил за конзистентност на пресудите, вели Ристеска – Јорданова.
Но, ова иако не е директно кажано од ЕК, практично ваквата оценка навлегува во оценката за рамнотежа меѓу властите. И тоа е голем проблем, додава Рестеска – Јорданова.
Мора државата да покаже јасен исчекор, да се сврти тркалото за 180 степени во однос на сегашниот став за да има излез од оваа ситуација до следниот извештај на ЕК, вели таа.