Рикер: Со Договорот од Преспа за прв пат се има признание на македонскиот идентитет и македонскиот јазик

by fokus

Поранешниот американски амбасадор во Македонија Филип Рикер изјави дека есенскиот референдум за името е можност сите Македонци да излезат и да кажат дека се за позитивна иднина на Македонија.

– Членството во НАТО, ако ги погледнете вашите соседи како Бугарија, Албанија, другите земји од поранешна Југославија, им значеше многу, па дури и за Грција членството во НАТО и во ЕУ значеше многу во економска смисла, во однос на стабилноста. Ова сега е можност за Македонија да се придвижи напред, да се приклучи во НАТО во краток период. Пристапниот процес е веќе во тек, изјави Рикер, чија нова позиција е цивилен заменик командант на силите на САД во Европа. Тој во Македонија беше во придружба на командантот на американските сили во Европа Куртис Скапароти.

Во интервју за телевизија Сител, Рикер потсети на изјавата на генералот Скапароти и додаде дека тој видел дека Македонија е добро подготвена да придонесе во Алијансата. Очекувањата на претставниците на американската војска се дека Македонија ќе биде целосен и еднаков член во НАТО и оти ќе има исти права и привилегии како секоја друга земја-членка на Алијансата.

– Ова е можноста поради која сите Македонци треба да излезат и да кажат „да“ за позитивна иднина, не за политиката и за политичките партии. Ова е за иднината на земјата. Имате многу време да се занимавате со политика подоцна, вели поранешниот американски амбасадор во Скопје.

Рикер не смета дека со Договорот за името Македонците ќе имаат проблем да кажат кои се. Според него, Договорот од Преспа е вистинска можност и прв пат да се има признание на македонскиот идентитет и македонскиот јазик.

– Тоа се прашања за кои се дебатираше и за време на мојот мандат долго време и време е тие да се остават зад нас за да се фокусираме на иднината кога ќе може да седите на масата во Брисел и во ЕУ, рече Рикер додавајќи дека откако Македонија ја добила поканата за НАТО има зголемен интерес од американските и други компании за инвестирање во земјата бидејќи НАТО значи стабилност.

Поврзани новости