Рибокрадци „оперираат“ во Дојранско Езеро

by fokus 11:15
11:15

Во последната контрола на Дојранското Eзеро, што деновиве ја извршиле 13 инспектори од Државниот инспекторат за земјоделство, биле пронајдени и одземени 123 мрежи со вкупна должина од околу 9.000 метри и рибарски конец во должина од 200 метри на кој на секои два метрa имало поставено јадици.

Од Инспекторатот информираа дека од мрежите биле извадени пет килограми црвеноперка и три килограми караш со забелешка дека поголемиот дел од мрежите биле наменети за ловење крап од кој во моментот на акциската контрола не бил пронајден ниту еден примерок во мрежите.

- Advertisements -

Во Езерото биле затекнати всидрени чамци со спортски риболовци против кои ќе бидат преземени соодветни мерки, затоа што согласно Законот за рибарство забранет е ловот поради немање концесионер на Дојранското Езеро.

Инспекциски надзор бил направен и во осум угостителски објекти на крајбрежјето од кои од еден биле одземени 29 килограми крап поради непоседување документ за потеклото на рибата, а три угостителски објекти, со решение се задолжени до инспекторатот да достават документи за потеклото на пронајдената риба.

Фото – ribar.com.mk

Поврзани новости