Мајчинската љубов не познава граници: Поради Верче и сите деца со Даунов синдром се роди Вера!

by fokus

Вчера, по повод светскиот Ден на лицата со Даунов синдром на градскиот плоштад во Струмица беше организиран хуманитарен настан, на кој присуствуваа над 600 деца облечени во бело, кои испратија порака дека светот е поубаво место за живеење кога се имаме едни со други.

Одбележувањето на светскиот Ден на лицата со Даунов синдром во Струмица предизвика голем интерес кај јавноста и градот уште еднаш потврди дека ги руши бариерите и предрасудите кон поразличните. Позади организацијата на настанот застана „Вера” – Здружение за помош и поддршка на лица со Даунов синдром, оформено од Анче Николова – Туфекџиева, мајка на дванаесетгодишната Верче.

Покрај вчерашниот настан, „Вера” стои и зад низа на други хуманитарни манифестации, акции за помош на лица со посебни потреби, случувања на кои се подига јавната свест за овие лица, настојувања за нивно прифаќање во општествената заедница и нивно вклучување во редовната настава. Во Струмица нема некој да не слушнал за Анче, храбрата и упорна мајка, која со надчовечки напори успеа да го сврти вниманието кон лицата со Даунов синдром и да помогне во нивното прифаќање и разбирање од околината. Околу тоа како започна приказната со „Вера”, здружение кое опстојува една деценија и чиј координатор е Анче, „Фокус” разговараше со неа.

-Идејата да се оформи „Вера” се роди две години по раѓањето на мојата ќерка Верче, која е дете со Даунов синдром. Дојдов до идеја да се регистрира здружението и да се крене гласот. Преку здружение да се подигне јавната свест и да го приближиме оштеството до нашите деца. Заедно со уште пет пријателки го оформивме, а претседател е Цвета Булатовиќ, која во тој момент и беше воспитувачка на Верче во градинка и која беше единствената која го прими моето дете во градинка. Денес, кога ќе се свртам назад и кога ќе сумирам што се сме постигнале, горда сум на целиот тим. Во здружението сме повеќе жени, неуморни… Имаме голема поддршка од наставниците и стручните тимови од општинските училишта. Не поддржуваат и се вклучуваат во секоја активност што здружението ја прави. Доаѓаат дури и семејства од други градови за да бидат со нас на вакви настани. 21-ви март за сите семејства во кои има дете со Даунов синдром е втор роденден на детето. Си го сакаме овој ден затоа што тоа е дружба за нас и нашите деца, исто како да сме на некој роденден. Секојдневно се бориме и испраќаме порака до општеството – раскажува мајката.

21.3.2019 год. – ФЛЕШ МОБ – ЗАЕДНО МОЖЕМЕ

Publiée par Srecko Guncev sur Jeudi 21 mars 2019

Околу вчерашниот настан, додава дека е презадоволна од тоа како се одвивала целата манифестација, но и благодарна што Струмица уште еднаш покажала дека им подава рака на сите, без оглед на различностите, и како нема место за предрасуди и поделби по било каква основа.

-Вчера, околу 600 деца од струмичките градинки, основни училишта, музичкото училиште, од Посебното училиште од Ново Село и Заводот за заштита и рехабилитација Бања Банско испратија порака дека светот е поубаво место за живеење кога се имаме едни со други. Младите од Црвен крст Струмица беа дел од настанот и го покриваа со четири екипи по прва помош. За среќа немаше потреба од интервенции. Настаните кои ги организира ,,Вера” ги правиме со помош на фирми кои сакаат да ни излезат во пресрет и општината. Се што ни треба, подароци и слично, бараме од компаниите, и благодарни сме што има хумани луѓе кои сакаат да придонесат – вели Николова – Туфекџиева.

Нејзината ќерка Верче е редовна на настаните организирани од „Вера”. Дружељубива, секогаш насмеана и среќна кога има некое случување, каде на овие деца им се посветува внимание и им се покажува дека се сакани и прифатени.

Вики Клинчарова

Поврзани новости