Рибарев потврдил дека рачно се делат предмети и го нарекол тоа „двоен АКМИС“, на потег Јавното обвинителство

by fokus

Основниот суд Скопје 1 и Врховниот суд спротивно на законот, наместо компјутерски, судските предмети ги делеле на рака, покажува извештајот за функционирање на АКМИС системот, кој го изработи Комисијата формирана од Министерството за правда, а кој беше вчера декласифициран.

За разлика од овие два суда, Комисијата утврдила дека во Апелацискиот суд, компјутерскиот систем за прераспределба на судски предмети бил почитуван.

Најевидентни прекршувања биле констатирани во Кривичниот суд. Според извештајот судијата Стојанче Рибраев кој беше в.д претседател на судот во периодот од март до октомври 2017 година, во текот на увидот потврдил дека постои рачна распределба на предмети.

„Во текот на увидот в.д. претседателот Стојанче Рибарев извести дека во Судот постои рачна распределба на предмети. При заведување на предметите што биле во надлежност на судиите на претходна постапка и на кривичен совет во одделите кривично полнолетни и организиран криминал не се користел АКМИС системот, не биле подесени параметрите за автоматска распределба на предметите во уписниците за одделни предмети, а распределбата на предметите се вршела рачно, за која претседаталот Рибарев ја нарекол „двоен АКМИС“. Движењето на предметите не се вршела во насока кон судии, истите не се евидентирани, а од страна на уписничарот е вршен избор на стручен соработник кој потоа вршел избор на кривичен совет пред кој ќе реферира за предметот “, пишува во Извештајот.

Комисијата констатирала и дека постојат 860 предмети во кој нема доделен судија. Со ова, пишува Комисијата во Извешатјот се доведува во прашање точноста на статистичките податоци во месечните и годишните извештаи за работа на Судот и на судиите кои се доставувани до повисоките судови, Судскиот совет и Министерството за правда.

Од увидот уште е констатирано дека исклучувањата на некои судии од автоматската распределба на предмети се вршени по основ на известување за отсуство по различни основи и за различно времетраење, најчесто пократко од 5 дена, без при тоа да биде изготвена писмена одлука со наредба и образложена причина туку само со параф на претседателот на Судот и со телефонско јавување во телефонската писарница.

Извештајот покажува дека Врховниот суд влијаел на составот на судиите

Со промената на претседателката Лидија Неделкова и доаѓање на Јово Вангеловски, бил повеќепати менуван распоредот за работа на врховните судии, при што не се водело сметка за нивната специјализација. Кривичари се ставани во граѓански или во оддели за судења во разумен рок, граѓански судии се поставени во кривичниот совет на Врховниот суд. Во декември 2017, додека претседател на судот е Јово Вангеловски, распоредот бил сменет 9 пати.

Со честите промени во распоредот за работа, Врховниот суд влијаел на составот на советите на судиите кои одлучуваат по предметите што повлекува и рачна прераспределба на предмети.

„На овој начин, случајниот избор на судија со автоматската распределба на предметите бил суспендиран и наместо случаен избор, се добива очекуван избор на судија. Во 2016 година и во 2017 година во Врховниот Суд биле побарани околу 200 изземања на судии по различни основи. При прераспоредување на поединечни предмети во јули 2017 година од еден судија кој најавил подолго боледување на почеток на месецот а работи на притворски предмети кои се итни за одлучување, одлуката за исклучување од АКМИС системот била донесена еден месец по најавата за почеток на боледување на судијата“, пишува во Извештајот.

Извештајот е испратен на постапување во Јавното обвинителство, како би се утврдило одговорност за местењето судски предмети кај „подобни“ судии.

Поврзани новости