РФМ ЌЕ СУБВЕНЦИОНИРА 40 % ОД ИЗНОСОТ НА БИЛЕТИТЕ ЗА НАТПРЕВАРИТЕ НА НАЦИОНАЛНИОТ ТИМ ВО СКОПЈЕ

by fokus

Би сакале да ја информираме македонската јавност дека цените на билетите за натпреварите од претстојното Ракометно првенство за жени ЕHF EURO 2022 имаат заштитена цена, која е дефинирана и утврдена од Европската ракометна федерација (ЕХФ) за четирите града во кои ќе се одржува шампионатот: Скопје, Подгорица, Љубљана и Целје.

Билетите се поделени во три категории и се продаваат преку мрежата на „Евентим“ (официјалниот партнер на ЕХФ за продажба на билети), а наш национален дистрибутер е агенцијата „МК тикетс“.

Во согласност со барањата на љубителите на ракометот за обезбедување дополнителна пониска ценовна категорија на билети, Ракометната федерација на Македонија, по добиеното одобрение од европската куќа на ракометот, ќе субвенционира 40 % од износот на билетите од категорија 2 и од категорија 3, купени во периодот од 2 до 9 ноември 2022 година преку овластените агенции „Евентим“ и „МК тикетс“.

Попустот на билетите за натпреварите на нашиот национален тим во групата Ц ќе се пресметува од денеска во 11 часот, а средствата за оваа намена ќе бидат обезбедени од спонзорите на РФМ.

Натпреварите против селекциите на Франција, Холандија и на Романија нашите ракометни сениорки ќе ги одиграат во Арената „Борис Трајковски“ на 5, 7 и на 9 ноември со почеток во 18 часот.

Ракометарките се подготвени, а националната арена е целосно опремена според стандардите на ЕХФ за да ги прими љубителите на ракометот од целиот континент. Капацитетот на салата, во согласност со стандардите за ова првенство, е максимум 5000 седишта, а досега се продадени околу 2000 билети.

Им благодариме на сите љубители на ракометот и на целата македонска јавност за досегашната поддршка. Навиваме од срце! За кого? За Македонија!!!

Скопје, 2 ноември 2022
Ракометна федерација на Македонија

Поврзани новости