Револуција или опозиција, прашање е сега!

by Фокус

arhivaТекстот е објавен на шести декември 2013-та година во неделникот „Фокус“ во бројот 948

Пишувала
Ида ПРОТУГЕР ВЕЉКОВИЌ

Патриотизмот, односно љубовта кон татковината не се искажува со некритичко (слепо) следење на политиките на избраните водачи, туку со критичка опсервација на тие политики и со акција на секој поединец кон воспоставување и одржување на темелните човечки вредности, како што се почитта, достоинството, правдата и слободата, кои ја прават земјата ГОЛЕМА.

Вака некако, илустративно ги опишува темелите на една земја достојна за почит, францускиот писател и нобеловец Албер Ками во своите „Четири писма до германскиот пријател“ (пишувани во периодот од јули 1943 г. до јули 1944 г.). Неговиот германски пријател, бранејќи ја позицијата на нацистичка Германија, му напишал на Ками:

„Величината на мојата земја е над сѐ. Сето она што придонесува кон остварување на таа цел е добро. Во светот кој ја загуби смислата, ние, младите Германци, кои имаме среќа да ја пронајдеме смислата во судбината на својата нација, за тоа мораме да жртвуваме сѐ.“

Пацифистот Ками, во одговорот на тоа писмо, му пишува на пријателот дека по таквиот изречен став тие веќе се разидуваат во мислењата и му одговара:

„Не можам да верувам дека сѐ треба да се потчини на целта која сме си ја поставиле бидејќи има средства кои не можат да се оправдаат. Би сакал да можам да ја сакам мојата земја, а во исто време да ја сакам и правдината. Не ми е сеедно во што ќе биде голема мојата земја и дали тоа ќе биде во крвопролевање или лаги. Сакам да ја направам голема со тоа што ќе дадам свој придонес кон правдата.“

КОЈ ЈА МОДЕЛИРА ДРЖАВАТА, ВЛАСТА ИЛИ НАРОДОТ?

Навистина, дали одговорноста за судбината на татковината е единствено во рацете на тие што дошле до власта или кај секој поединец, кој со своите постапки може да влијае врз воспоставување на темелните вредности или на нивно извитоперување?

Во нацистичка Германија огромно мнозинство поддржуваше политика на истребување луѓе, на неправди, на крвопролевања, и сето тоа во името на татковината и на нејзините водачи кои си зедоа неприкосновено право да определат која е „избраната раса“?!?

Од оваа историска дистанца интересно е да се постави прашањето дали бил поголем патриот тој што слепо го следел Хитлер и учествувал во холокаустот или тој што се борел против тоа, а за честа на земјата и за цивилизиран живот на сите што живеат во неа?

Токму негувањето на темелните вредности е она со што едно општество заслужува да се нарече цивилизирано. Но, не е избраната каста на власт таа што има ексклузивно право да промовира вредности или да ги извитоперува и исмејува. Силата на една земја е во сите нејзини граѓани или, во духот на изјавата на ректорот на Универзитетот во Киев: „Нема Македонија без народ. Нема народ без слобода“.

Она што треба да ги води граѓаните кон прогрес не се политичките елити избрани да владеат, иако тие имаат голема улога во тоа што управуваат со државниот апарат. Силата е во граѓаните кои препознаваат што е правда, достоинство, почит, слобода и се издигнуваат над стравот во промоција на овие вредности, кои одолеваат на искушенијата да бидат корумпирани тргувајќи со нив.

Голема улога во „давање на правецот“ во едно општество има и интелектуалната елита, „умот“ на земјата. Овде не се мисли на елита во материјална смисла, туку збир на поединци од науката, уметноста, културата, кои лојалноста кон темелните вредности ја ставаат пред лојалноста кон водачите, а во име на подобра држава.

Македонија не може да се спореди со фашистичка Германија, но несомнено е дека, пред очите на сите граѓани во земјава, темелните вредности се претворија во нивен антипод. Достоинството се претвори во партиско слугување, правдата во неправда, почитта во понижување. Се изврши окупација на државниот апарат кој, наместо во служба на граѓаните, е ставен во служба на нечии лични или теснопартиски интереси. Има политички апсења и притворања и се инсталира режим, слободата и правото на информирање се задушуваат и сето тоа е поддржано, барем „де јуре“, од мнозинството што живее на оваа територија!

РЕЗИМЕТО ОД ДВОДЕЦЕНИСКАТА НЕЗАВИСНОСТ Е:
ЗБОГАТЕНИ ПОЛИТИЧАРИ
ОСИРОМАШЕН НАРОД

Држава и татковина не е исто. Држава е систем на институции кои го уредуваат животот на граѓаните на определена територија и само со мал дел од тој апарат управува владата (извршува закони), а во голем дел институциите треба да се независни и да гарантираат еднакви права и услови за живот на граѓаните. Но, во нашата актуелна реалност тоа не е така бидејќи власта, со сите инструменти (дозволени и недозволени), успеа да го стави под контрола целиот државен апарат и да завладее со целата држава. Со окупацијата на државниот апарат таа се обидува да создаде „избрана раса“, која ќе биде привилегирана и да ги потчини на својата волја сите други. За возврат, „избраната раса“ треба да ги поддржува сите политики на власта, макар тоа биле и политички затворања, корупциски зделки, немилосрдно расфрлање со парите на граѓаните, апсења на „непослушните“ и поделби по сите основи.

За разлика од државата, татковината е нешто сосема друго и таа потешко се окупира. Татковината ја сочинуваат територијата (сокаците од родното место, природната убавина), луѓето (роднините, пријателите, сонародниците), традицијата и вредностите. И државата и татковината се дел од нашиот идентитет.

Оттука, повторно кај главното прашање. Дали е патриотизам некритички да се воздигнуваат и поддржуваат водачи и политики кои промовираат поделби, селективност во остварувањето на граѓанските права, корупција, неправда, политички апсења, или патриотизам е критиката кон сето тоа во насока на воспоставување на вистинските вредности?

Второто важно прашање е: дали граѓаните се чувствуваат како активни и одговорни единки, креатори на животот во нашата татковина или како пасивни набљудувачи на процесите кои не одат во добра насока?

Очигледно е резимето за дводецениското постоење на нашата држава − дека сите избрани функционери не успеаја да направат од Македонија пристојно и достоинствено место за живеење за сите граѓани. Но, голема одговорност во таквиот неуспех има и интелектуалната елита, која е „умот“ на едно општество, а која е соучесник во целиот неуспех. Хана Арент, во својата опсервација на тоталитаристичките режими, исто така нотира дека нивното опстојување е помогнато од дел на интелектуалната елита во тие држави.

КАКО ДО ПРОМЕНИ: РЕВОЛУЦИЈА ИЛИ ОПОЗИЦИЈА?

Сега оние граѓани кои не се задоволни со сегашноста, гледајќи го тоа резиме,  се исправени пред неколку опции. Многумина решаваат да ја напуштат татковината и Македонија да ја заменат со друга држава како место на живеење, поточно на пристојно живеење. Секој има еден живот и ако согледа дека во сопствената земја некој му го одзема правото да ги развие своите капацитети до максимум, оправдано бара место каде што ќе може да го оствари правото на достоинствен живот според сопствените капацитети.

Друг, голем дел од граѓаните, од лукративни причини, се подготвени да тргуваат со вредностите, разменувајќи ги за пари и функции. Останува најголемиот дел од граѓаните, кои се чувствуваат беспомошни и апатично го набљудуваат парчењето на вредностите на кои би требало да се темели една достоинствена татковина.

Поединецот навистина има сила, но таа негова моќ да одлучи на избори била безброј пати изиграна. Гласал за одредени ветувања и тоа не вродило со подобрување на животот на сите, туку само на оние за кои го дал својот глас. И тоа не е ексклузивна сторија на Македонија, туку историја која се повторува насекаде. Исходот во многу земји со таква судбина довел до револуции. Последниот таков пример е Украина.

Оттука, граѓаните треба да си го постават суштинското прашање. Дали е ова Македонија со која се гордеат или ни се потребни промени за унапредување на состојбите? Која и колкава е улогата на поединецот во тој процес? Дали граѓанинот е пасивен набљудувач или активна единка која учествува во креирањето на општествените вредности? За тоа не треба функција или власт. Ако лекарот промовира чесност, етичко работење и стручност, дава свој придонес кон промоција на вистинските вредности. Истото важи и за сите професии: судиите, новинарите, уметниците.

Но, не би можело да се воспостави некој режим доколку тој нема свој ’рбет, што го држи. Тоа се луѓето кои ги предале вредностите. Како што во нацистичка Германија не може да се фрли вината само на Хитлер, бидејќи некој тоа му го дозволил, така и во Македонија, за трансформацијата на татковината во непристојно и недостоинствено место за живеење придонеле оние што го сочинуваат ’рбетот на овој погрешен систем на владеење, каде што власта и привилегиите (главно материјални) се пред човечките вредности.

Тие што се незадоволни од таквото обезличување на земјата, а кои не ја напуштиле Македонија, имаат две можности: да кренат револуција или да ја поддржат најбројната опозициска партија или здружена опозиција. Трето нема. Состојбите сами од себе нема да се променат затоа што државата − тоа се нејзините граѓани.

Ако останат неми набљудувачи, нема никој да дојде да ги спаси од недостоинствениот живот или од нечистата совест дека немо набљудуваат распарчување на еден систем кој пука „по сите вредности“. Тезите дека „овие се лоши, но нема алтернатива“ не водат кон промени и прогрес. Така ситуацијата нема да се сврти кон подобро.

Слабоста на револуцијата како опција е што во таков случај има насилства и второ, таа не гарантира дека тие што се борат во име на правдата, истата ќе ја имплементираат. Портокаловата револуција во Украина доведе до промена на власта, но не и на однесувањето, бидејќи корупциските скандали, наместо да се намалат, во времето на Тимошенко еруптираа. Во Грузија, револуцијата на розата го симна Шеварнадзе, но го востоличи Саакашвили, кој стана поголем окупатор на државата од неговиот претходник.

ОПОЗИЦИЈАТА И НАРОДОТ ДА СЕ „НАЈДАТ“ КАЈ ВРЕДНОСТИТЕ

Оттука, најповолен исход би бил довербата на граѓаните да ја добијат луѓе со авторитет во општеството, генериран токму поради лојалноста кон темелните вредности.

Апатијата кај македонскиот граѓанин во еден дел, со право, произлегува и од фактот што опозицијата, каде што би требало да се насочи поддршката при незадоволство од власта, нема кредибилитет кој се темели на остварени значајни резултати во однос на подобрување на животот на граѓаните. Исто така, опозицијата не покажува дека сака да се соочи со тој неуспех (исклучок е пратеникот Митре Вељановски), активира механизам на самоодбрана, наречен негација, или оди во контранапад од типот „вие повеќе од нас“.

Новото раководство на СДСМ, како најголема опозициска партија, треба да реши врз која основа ќе ја гради довербата кај гласачите. Тоа е исклучително тешка задача, без оглед што врвот, како што е партискиот заменик-претседател Шеќеринска, нема дамка на слаби резултати или нечесно работење.

Но, на пример, како опозицијата ќе генерира кредибилитет кога градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, за директор на секторот за урбанизам ја назначил ексдиректорката на Катастарот, Бисера Јакимовска, за која медиумите во 2006 година пишуваа дека нетранспарентно, во договор во четири очи, ја набавила опремата за електронскиот катастар, вредна три милиони евра? Со кој кредибилитет тогаш тој ќе зборува за сомнителни зделки? И тоа оди на контото на целата опозиција.

За да генерира доверба, опозицијата треба да покаже за какви вредности се залага и за каква Македонија? Масовното заминување на граѓаните од Македонија не е пораз само за власта. Тие си заминуваат бидејќи не гледаат алтернатива.

Ако граѓаните препознаат борба за вистински вредности кај опозицијата и ако нејзината визија се совпаѓа со она што го посакува мнозинството, тогаш отпорот кон сегашниот начин на владеење ќе биде многу поголем.

Слабоста на опцијата кога промена се бара на политички избори е и во тоа што во Македонија можноста на мнозинството да искаже незадоволство од власта е скратена со изборните трикови и масовниот поткуп со народни пари (кој вродува со успех ако се знае дека една третина од населението живее во сиромаштија и својот глас го продава дури и за 1.000 денари).

Исто така, во обид да се истисне најголемиот противник, власта помага формирање квазиопозициски партии кои ќе служат за ситнење на гласовите кај опозицијата. Но, ако народот и опозицијата се „најдат“ кај вредностите, нивната коалиција ќе биде многу поцврста и поотпорна.

ВРАЌАЊЕ КОН НОРМАЛНОСТА

И повторно, голема улога во воспоставувањето на правецот на државата, како коректор на власта и на опозицијата, во делот на темелните вредности кон кои се стремиме, имаат нејзините граѓани, а најголем дел, има интелектуалната елита. Таа би требало да ги поттикне силите, кои се во политички натпревар, да се вратат кон вистинските вредности, односно да има голема улога во враќањето кон нормалноста.

Токму кон таа улога на поединецот укажува и Ками во своето второ писмо до германскиот пријател, кој му напишал: „Ние ја ставаме Германија пред вистината, над очајувањето“. На ова Ками му одговара: „Ние претпочитаме да ја сакаме нашата земја поради нејзината лојалност кон правдата. Вие се задоволивте со тоа да се ставите во служба на моќта на вашата нација, додека ние сонувавме нашата да ја направиме вистинољубива. Вам ви беше доволно да ѝ служите на актуелната политика, а ние, во моментите на нашата најголема изгубеност, инстинктивно ја негувавме идејата за една политика на честа кон која сега се враќаме. Под тоа ‘ние’, се разбира, не мислам на нашите државници. Тие се небитни.“

КАКВА Е СОВЕСТА НА ПОДДРЖУВАЧИТЕ НА ХИТЛЕР?

Засега впечатокот е дека луѓето, што на контроверзен начин ја освојуваат власта, успеаја да наметнат извитоперени вредности, а многу од граѓаните што го поддржуваат тоа, дали во надеж за вработување во државната администрација, за функција, за тендер повеќе или едноставно за преживување, ја загубија човештината и се соучесници во величењето на лагата. Некои во самоодбрана велат „такви времиња дојдоа, мора човек да се снаоѓа“. Се прашувам колку луѓе во нацистичка Германија со таквиот став, „такви времиња дојдоа“, аминувале убивање Евреи и станале соучесници во злосторствата?

Во Македонија сѐ уште нема таков режим, за среќа, но веќе имаме политички затвореници, заробени медиуми, огромна корупција, неодговорно задолжување и расфрлање со парите на граѓаните, апсења „по желба“ на власта, сеење страв и понижување!

Поврзани новости