Ревизорски извештај: Министерството за земјоделство му должело 2,5 милиони евра на ЈП „Македонски Шуми“ за „Денот на дрвото“?

by fokus

ЈП„Македонски шуми“ бара речиси 2,5 милиони евра од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, за спроведената акцијата за пошумување „Ден на дрвото“. Оваа  информација за побарувањето е дел од најновиот ревизорски извештај за работата на Министерството, кој денеска беше објавен на сајтот на Државниот завод за ревизија.

– Според податоците презентирани во „Информацијата за реализација на акцијата за пошумување „Ден на дрвото-засади ја својата иднина, есен 2013 година“, вклучувајќи ги и нејзините измени и дополнувања, Јавното претпријатија искажува побарувања од министерството во вкупен износ од 152.581.000 денари, од кои 137.171.000 денари се по основ на акцијата за пошумување за период 2010-2013 година, додека 15.410.000 денари се по основ на проширена репродукција на шумите за 2011 година. Оваа информација е доставена до Владата за понатамошно постапување, се наведува во најновиот ревизорски извештај на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Ревизорите утврдиле и дека Министерството за земјоделство и ЈП „Македонски шуми“ имале различни пресметки, односно министерството не признавало дел од побарувањата, поради што ги враќале назад фактурите за плаќање, кои се однесуваат на акцијата за пошумување во периодот од 2010-2013 година.

-Причина за враќање на фактурите од страна на министерството, е што започнувајќи од 2011 година па наваму во Програмите за проширена репродукција на шумите не се планирани средства за оваа намена, се наведува во ревизорскиот извештај.

Во спорот се вклучила и Владата, која донела заклучок Министерството да ја разгледа можноста да ги плати фактурите кон јавното претпријатие. Од друга страна, пак, се наведува дека и ЈП „Македонски шуми“ должи 109.203.000 денари на Буџетот, како што се вели, по основ за проширена репродукција на шумите.

За тоа дали спорот е решен, го побаравме директорот на ЈП „Македонски Шуми“, Жарко Караџоски.

-Во повеќе наврати сме го информирале и Министерството и Владата за долговите. Проблемот е во тоа што и министерството има побарувања од нас и ние од нив, па не можеме да се усогласиме. Сепак се надевам дека во најскоро време се ќе се реши, изјави директорот Караџоски.

Став побаравме и од Министерството за земјоделство, од каде што најавија дека дополнително ќе се изјаснат за наводите во ревизорскиот извештај.

Поврзани новости