Финансискиот извештај на сметката на ДУИ за изборната кампања на парламентарните избори во 2016 година не го одразуваат објективно и вистинито финансиското работење на партијата, констатирал Државниот завод за ревизија. Во конечниот ревизорски извештај стои дека партијата нецелосно и нереално ги прикажала приходите и расходите во вкупниот финансиски извештај и не постапувала според релевантната законска регулатива.
Поточно, ревизорите констатирале дека ДУИ не ги објавила на нејзината веб-страница финансиските извештаи со спецификација за трошоците за приходите и расходите на трансакциската сметка за времетраење на изборната кампања. Воедно, тие утврдиле дека вкупните приходи и расходи во извештајот на интегративците не се прикажани целосно, реално и објективно.
„Приходите и расходите се прикажани во помал износ од 150.000 денари поради неевидентирана донација од едно физичко лице. Вкупните расходи, пак, се прикажани во помал износ од 4.717.000 денари поради неизкажани расходи за користење на рекламни рекламни услуги-билборди, кои до периодот на затворање на трансакциската сметка не се платени“, се наведува во ревизорскиот извештај.
Исто така, ДЗР утврдил дека партијата примила донации од физички лица во поголем износ од законски пропишаниот. Како што нагласува ревизорот, согласно член 83, став 2 од Изборниот законик, донациите за политичките партии за време на изборна кампања се лимитрани на 3.000 евра за физички лица и 30.000 евра за правни лица во денарска противвредност.
„Во периодот од 11.11.2016 до 03.03.2017 година учесникот во изборната кампања добил донации од физички лица чиј поединечен износ го надминува законскиот лимит. Вкупниот износ на повеќе донирани средства е 500.000 денари и тие не се префрлени во корист на Буџетот на РМ што има за ефект финансирање на изборната кампања спротивно на одредбите на Изборниот законик“, наведува ревизорот.
Фокус своевремено пишуваше дека две компании (Беша Транс и Голец Транс) донирале за изборната камања на ДУИ во 2016 година иако во истиот период извршувале работи врз основа на договори за јавни набавка, поради што партијата мораше да им ги врати парите, а симптоматичен беше уште еден од донаторите (Супорт Солушнс), од причина што станува збор за странска компанија. Сепак, од ревизорскиот извештај произлегува дека проблематични биле и донации од физички лица.
Инаку, овие прашања опфатени со ревизорскиот извештај биле дискутирани на состанок оддржан на 24.11.2017 година меѓу претставници на надлежната институција и политичката партија, која патем не дала никаква забелешки и сугестии во однос на нацрт-извештајот на ревизорот.