Државниот завод за ревизија утврдил сериозни неправилности во финансиското работење на Општина Кичево за 2024 година, вклучително недоволна наплата на сопствените приходи, пропусти во реализацијата на капиталните инвестиции и значителни ризици кај јавно-приватното партнерство за модернизација на јавното осветление.
За финансиските извештаи и усогласеноста со законската регулатива за основните буџетски сметки 630 и 637 ревизорите изразиле неповолно мислење.
Според извештајот, постои неусогласеност меѓу сметководствената и даночната евиденција во износ од 32,9 милиони денари, односно речиси 533.000 евра. Дополнително, од евидентираните побарувања од 14,6 милиони денари, дури 43 проценти се постари од 10 години, а другите 57 проценти се постари од пет години. Општината не презела доволно мерки за нивна наплата, ниту извршила соодветно вредносно усогласување.
Ревизијата посочува дека даночната евиденција не е ажурирана, процената на недвижниот имот се заснова на податоци од 2008 година, а кај 1.341 даночен обврзник данокот на имот е утврден во износ до 200 денари. Воедно, во 2025 година биле донесени решенија за присилна наплата само за 150 даночни обврзници и покрај постапките за испраќање опомени.
Утврдено е и дека во 2024 година Општината не остварила приходи од одредени комунални такси, а дел од објектите користеле јавни површини, без соодветни одобренија и без платени такси. Ревизорите нотирале и пропусти во постапувањето по бесправни надградби, како и отсуство на иницијативи за донесување урбанистички планови во последните четири години.
Особено загрижувачки се наодите за капиталните инвестиции. Кај данокот на имот, воспоставениот регистар како база на податоци со кој располага Општината не ги содржи сите елементи утврдени во евидентните листови. Иако вредноста на имотот на даночните обврзници се базира на процени од 2008 година, Општината нема преземено активности за вршење ревизија на пазарната вредност на недвижниот имот. Со увидот во издадените решенија кај 1.341 даночен обврзник данок на имот е утврден во износ до 200 денари, што упатува на ниско утврдена вредност на имотот.
Ревизијата утврдила дека неажурниот регистар на недвижен имот, утврдувањето на данокот врз основа на стари процени, непресметувањето и ненаплатувањето камата за задоцнето плаќање и непреземањето соодветни мерки за присилна наплата влијаат на помалку остварени приходи во буџетот на Општина Кичево.
– Општината во 2024 година нема остварено приходи по основ на комунални такси за користење музика во јавни локали, за истакнување реклами, објави и огласи и надоместок за одржување на јавната чистота. Утврдени се неправилности во давањето под закуп на општинскиот имот и поставувањето на урбаната опрема, каде што голем број објекти јавната прометна површина ја користат без издадено одобрение и платена комунална такса за користење простор пред деловни простории за вршење дејност и без издадени одобренија за вршењето угостителска дејност надвор од деловниот објект на простор наменет за давање угостителски услуги – посочуваат од ДЗР.
Во однос на бесправно изведените надградби на објекти што не се во согласност со правосилно издадените одобренија, според ревизорите, не се преземаат мерки по спроведениот инспекциски надзор. Утврдена е неактивност во постапувањето по предлози за поништување одобренија, недостига механизам за присилно отстранување на бесправни надградби и постои неажурност во постапувањето со надлежните институции.
Според ревизорите, Општината во последните четири години нема иницирано постапка за донесување урбанистички планови и нема подготвено и доставено годишен извештај до Министерството за транспорт за користењето на средствата по оваа основа.
Со ревизијата утврдено е дека дел од капиталните проекти се реализирани без да бидат планирани во рамките на годишната програма за работа за што во 2024 година по оваа основа се исплатени вкупно 57.153 илјади денари, односно приближно 926.000 евра, а не е подготвен извештај за степенот на реализацијата на активностите.
Кај изведбата на капиталните проекти и реконструкцијата на локални улици и патишта утврдени се надминувања на договорените вредности без анекс-договори, отстапувања во изведбата, несоодветен стручен надзор, отсуство на проектна документација и фактурирање работи што не се изведени.
Меѓу проектите посочени во извештајот е и „Реконструкција на спортската сала ‘Јанчица’“, со вкупна реализирана вредност од 33.335 илјади денари со ДДВ, односно речиси 540.000 евра, не е предвиден во програмите за работа и програмите за капитални инвестиции на Општината за 2023 и 2024 година, а во 2024 година се исплатени средства во износ од 8.813 илјади денари.
Исто така, и проектот „Реконструкција на општинска зграда“, со вкупна реализирана вредност од 72.246 илјади денари со ДДВ, односно речиси 1.171.000 евра, не е предвиден во програмите за уредување на градежното земјиште и програмите за капитални инвестиции на Општината за 2022, 2023 и 2024 година, а во 2024 година се исплатени средства во износ од 19.512 илјади денари.
Кај проектот „Изградба на рекреативен парк во село Зајас“, со вкупна договорена вредност од 29.990 илјади денари со ДДВ, ревизијата утврди дека за реализација на проектот, кој опфаќа градежни, хортикултурни, хидротехнички и електроинсталациски работи, е издадено одобрение за поставување урбана опрема наместо одобрение за градење.
– Со теренски увид констатирано е дека рекреативниот парк се наоѓа во влошена и запуштена состојба, која отстапува од договорените работи. Опремата е делумно оштетена и нефункционална, нема зеленило, чешмите не одговараат на спецификацијата, а просторот е без одржување, поради што ревизијата не можеше да се увери дека извршените исплати соодветствуваат на реално изведените работи – стои во извештајот.
Ревизорите констатирале дека изградбата на објект, без соодветно одобрение за градење, разликите помеѓу договорената и фактичката состојба на терен и неодржувањето на изведбата, влијае на квалитетот на изведените работи и ја прават инвестицијата нефункционална, со што се доведува во прашање целта на проектот и наменското трошење на буџетските средства.
Во делот на клучните прашања, ревизијата известува за јавно-приватното партнерство за модернизација на јавното осветление, кое поради својата значајна финансиска вредност и долгорочни обврски претставува прашање од висок ризик за буџетот на Општината. Ревизијата утврди значајни отстапувања во сите фази на постапката, вклучително недостиг на целосна подготвителна документација и слабости во реализацијата на договорот, што создава значителни финансиски и правни ризици во текот на целиот период на реализација на договорот.
Модернизацијата и одржувањето на системот опфаќаат замена на постојните 6.500 светилки со ЛЕД-енергетски ефикасни светилки, поставување дополнителни 1.000 светилки, имплементација на централни сегментни контролери во 234 ормани, одржување на системот и др. Вредноста на договорот е 319.095 илјади денари, без пресметан ДДВ, односно речиси 5.172.000 евра, или 376.532 илјади денари со вклучен ДДВ, односно приближно 6.103.000 евра. Надоместокот за ЈПП, што треба да го исплаќа Општина Кичево на приватниот партнер на месечно ниво во период од 15 години, во 180 месечни надоместоци, изнесува 2.092 илјади денари, односно речиси 34.000 евра.
Со ревизијата се утврдени и повеќе неправилности во пресметката и исплатата на плати, надоместоци и трансфери кон физички лица, вклучително не пресметан данок на личен доход во износ од 438 илјади денари.
За мобилната телефонија, договорот склучен во декември 2023 година со времетраење од две години, е во вкупна вредност од 3.304 илјади денари и опфаќа минимум 100 телефонски броја и субвенции за набавка на електронски уреди во минимален износ од 2.050 илјади денари со ДДВ. За 100 телефонски броја нема поткрепувачка документација дека се распределени на конкретни вработени, од кои 37 биле целосно неактивни, иако за нив е платена месечна претплата во износ од 52 илјади денари, односно 624 илјади денари годишно.
За изградба и одржување на електричната мрежа и јавното осветление се исплатени 1.937 илјади денари, без соодветна поткрепувачка документација. Во постапките за јавни набавки се утврдени непријавени набавки под вредносните прагови во кварталната евиденција на ЕСЈН и надминување на законскиот праг за набавки под вредносните прагови.
Државниот завод за ревизија препорачува надлежните лица и органи во Општина Кичево да преземат мерки за отстранување на утврдените слабости, подобрување на наплатата на приходите, законско и транспарентно спроведување на капиталните инвестиции и зајакнување на контролата врз трошењето на јавните средства.