Ревизија на системот за полагање на Академијата за судии и јавни обвинители предлага ДКСК

by Fokus

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) предлага Државниот завод за ревизија да направи ИТ ревизија на системот за полагање испити на Академијата за судии и јавни обвинители.

Оваа препорака произлегува по разгледување на пријава до ДКСК на денешната 60-та седница, за одредни сомневање за процесот на спроведувањето на приемниот испит за почетна обука на Академијата за судии и јавни обвинители. Како што појасни Софка Пејовска Дојчиновска, член на ДКСК, од документацијата на подносителот на пријавата, се гледа дека ги искористил правните средства и поднел приговор и Антикорупциска не може ништо конкретно за преземе за тој случај.

Директорката на ДКСК Билјана Ивановска, од друга страна, посочи дека ДЗР има механизми и може да направи ИТ ревизија на компјутерскиот систем на Академијата.

– Сега, тоа што се сака да се постигне се постигнува на пософистициран начин преку компјутерскиот систем и ако има шифри тие се поврзуваат и затоа можеби тоа како препорака да се побара од ДЗР да направи системска ИТ ревизија, изјави Ивановска.

Со оглед дека од Академијата треба да излезат луѓе кои ќе ја делат правдата, според Ивановска, има одредена тежина и затоа ДКСК може чисто само да укаже, а ДЗР кои и така прават вакви ревизии, потоа да си утврди согласно својата методологија за работа.

Горан Трпеновски, член на ДКСК, рече дека ова е добар предлог, потсетувајќи дека и претходно имало наводи за пронајдени шифри за полагање на Академијата, па затоа е добро таа дилема да се провери и расчисти, односно да се види дали системот функционира како што треба.

ДКСК, на денешната седница, меѓу другото разгледа и уште една пријава против судија при Основен граѓански суд Скопје и двајца судии при Аплеациониот суд исто во Скопје, за која оцени дека тие се ненадлежни, но дека пријавата треба да се достави на надлежно постапување до Судски совет на РСМ.

Нури Бајрами, член на ДКСК, појасни дека предметот е оформен по пријава поднесена од страна на познат подносител и се однесува на нестручно и несовесно вршење на судската функција.

– Подносителот дава детално образложение за своите наводи, во прилог констатира повреда на постапката. Врз основа на вака утврдената фактичка состојба нема елемнти за наше надлежно постапување и затоа предлагам оваа пријава да се отфрли за ненадлежност на ДКСК, но предметот, односно пријавата да се достави на надлежно постапување до Судски совет на РСМ согласно нивната надлежност. Се дава на надлежно постапување до Судски совет на РСМ, појасни Бајрами.

Согласно Законот за судови, нагласи Бајрами, ДКСК треба така да постапи, бидејќи тие се надлежни за работата на судиите.

Поврзани новости