Ревизија: Ќе се проверува делењето европски пари во образованието

by Fokus

Независна надворешна ревизорска куќа ќе треба да изврши ревизија на Националната агенција за европски образовни програми која располага со европски пари, наменети за грантови во земјава. Министерството за образование го објави тендерот, преку кој ќе се проверува работата на агенцијата лани. Главен услов во тендерот, најниска цена.

На 15 – ти март, извештајот треба да биде готов и испратен до Европската комисија. Во техничката спецификација се бара ревизорите да проверат дали трансакциите во Националната агенција биле валидни и регуларни, а се однесуваат на програмите „Еразмус +“ и „Европскиот корпус на солидарност“. Ревизијата дополнително треба да утврди и

-Дали сметките на Еразмус + и Европскиот корпус на солидарност, воспоставени за трошоците, даваат вистински и објективен преглед.

-Дали воспоставените системи за контрола функционираат исправно.“

Ревизорите ќе треба да направат и примарна проверка и кај невладините и граѓанските здруженија кои добиле грантови од Националната агенција. Директорката на институцијата, Лидија Димова за Алсат објаснува дека ревизијата е стандарна и планирана и оти нема никаква врска со неодамнешните обвинувања на ВМРО – ДПМНЕ дека има злоупотреби при распределбата на европски пари.

„Станува збор за редовна ревизија која ќе го проверува периодот од 1 јануари до 31 декември лани. Во тендерот на Министерството за образование се бара надворешен независен ревизор оти така пропишува ЕУ. Обвинувањата на ВМРО – ДПМНЕ за злоупотреби се дегутантни и не се вредни да се коментираат“, рече Лидија Димова, Директорка на Националната агенција за европски образовни програми.

Националната агенција со која раководи Лидија Димова, за програмата Еразмус + располага со над 10 милиони евра додека за Европскиот корпус на солидарност достапни се 84 илјади евра. ВМРО – ДПМНЕ пред три месеци обвини дека се сомневаат оти се злоупотребуваат европски фондови токму преку Националната агенција.

Обвинија дека неколку невладини организации постојано добивале пари, а грантови добивале и актуелни судии и лица кои според опозиција се нуделе како посредници за одреден проект да добие грант во замена за 10 отсто од висината на доделената сума.

Поврзани новости