Рецензија на Новинарски пленум: Пропагандистичките методи на јавниот сервис

by Фокус 12:06
12:06

20.04.2015
Рецензија на МТВ ВЕСТИ ВО 19:30
Водител: Катерина Топалова

Форшпан
-Подобри услови за работа и подобра одговорност на работното место. Највредните полицајци ќе добијат повисоки плати. Потпишан е новиот колективен договор по европски стандарди.(слика на полицајци а потоа на министерката за внатрешни Гордана Јанкуловска, со наслов Награди за највредните полицајци)

- Advertisements -

-Нема политички, ниту партиски притисоци врз уставните судии. Врз своето работење се воделе само од личното и само од слободно уверување, тврди претседателката Гошева – (слика на седница на Уставен суд, наслов е првиот дел од Форшпанот)
– Нема закани однадвор за безбедноста на Македонија. Опасности демнат од внатрешната поделеност. Експертите порачуваат- државата да не дозволи разузнавачи да водат политика (слика на трибина за оваа тема, Наслов- Нема опасност за стабилноста на Македонија)
– Настан од свет- Потона брод на Медитеранот

Форшпанот покажува тенденција на глорификување на состојбите во државата, а за да се истакнат и подвлечат “успесите” на власта, но од друга страна, се акцентира и предупредува на можноста од разузнавачки поткопувања на стабилноста.
Доколку се анализира Форшпанот преку состојбите во државата, во која главниот опозициски лидер (Заев) е под истрага, а во меѓувреме тој објавува прислушувани материјали токму за Јанкуловска ( меѓу другите), публиката може да ги заклучи следниве процеси:

Власта во Форшпанот е претставена преку сликата на министерката Јанкуловска, која најавува награди за полицијата, додека највисокиот судски орган е независен, а разузнавачите се опасноста за земјата.
Методолошки, се работи за скриена пропаганда преку Форшанот, затоа што експлицитно не се покажуваат непријателите и дестабилизаторите според толкувањата на власта (Заев, разузнавачот Верушевски, итн), но затоа пак, доколку се поврзе мозаикот на случувања во земјата со Форшанот, се сугерира дека доколку дојде до судење на Заев, судската власт која е тотално непартиска ќе пристапи кон фер и независно судење, а Јанкулоска (симбол на полицијата која би го уапсила Заев) работи по европски стандарди. Се разбира, Уставниот суд нема да го суди Заев, но ако највисокиот судски орган е независен, тогаш тој би претставувал некаква гаранција и за останатите, во случајов кривичните.

Кратките најави на водителката се повторени со идентични наслови на Форшанот. Во телевизиската методологија на вестите многу често се применува дуализам, доколку се сака да се убеди публиката во вистинитоста на вестите: изговорените најави на водителите за да делуваат уште посугестивно и да останат долго во паметење, се поткрепуваат и со истите наслови и во исто време се презентираат. Со овој метод не се повикува на будност само увото на публиката туку и на окото, преку пишаниот збор, со што веста многу подолго останува во меморијата.
Вести:
Првиот прилог оди со најава: Петки за вредните полицајци, кои ќе добијат бонус на основната плата, а кој се однесува на информацијата Јанкуловска потпишала нов колективен договор во МВР со тамошниот Синидкат, за кој се вели дека е според европски стандарди, а кој подразбира унапредување на вработените

Во прилогот не е земена изјава од другата страна, полицајците, оние кои ќе бидат унапредувани, но и од незадоволните во Синдикатот на полицијата, кој претходната недела го изрази незадоволството од Јанкулоска и ја повика да си замине од функцијата, при што и дадоа рок од неколку дена. Причина, како што образложи Синдикатот, се откако телефонските разговори што ги објави СДСМ, по што тие велат дека разочарани од односот на министерката.

Со ваквото селективно информирање на јавноста, упатена е порака дека не постојат никакви процеси на длабока поделеност во полицијата (потенцијално задоволни полицајци, со поголеми плати и европски стандарди на работа и оние кои бараат оставка од министерката), а оваа порака се однесува на оној дел од јавноста кој е информиран и од другите медиуми, не само од јавниот сервис. Што се однесува до публиката која се информира исклучиво од јавниот сервис, таа и воопшто не е запознаена со настаните кои продуцираат незадоволство кај дел од вработените во полицијата- ниту пак со содржината од бомбите на Заев, ниту пак со реакциите на дел од вработените во полицијата, туку само со позитивните потези на министерката.

Вториот прилог се однесува на прес- конференција на Уставен суд
Наслов: “Нема политички притисоци врз уставните судии”, но не е прецизирано кој ја дал ваквата изјава (ова е изјава на претседателката на Уставен Елена Гошева), со што медиумот директно сугерира дека не постојат политички интервенции.

Единствената судијка која низ текот на годините дава издвоени мислења за предметите (несогласување со одлуките на Уставниот суд), Наташа Габер- Дамјановска вели дека конкретно “врз себе не сум почувстувала притисоци”, но авторката на прилогот вели дека Габер вели дека немало притисоци, а не кажува дека Габер вели дека врз неа всушност не биле вршени притисоците. Со ова, публиката може да заклучи дека и Габер потврдува дека не постојат воопшто политички притисоци врз ниту еден судија, но и дека доколку само таа има издвоени мислења, може да се заклучи дека токму таа и можеби ги има политичките притисоци, но не од власта, туку од опозицијата.
Понатаму во прилогот, новинарката ги наведува со бројки прифатените и отфрлените случаи од страна на Уставниот суд, но не наведува ниту еден пример, што за публиката всушност може да значи и порака да ја исклучи желбата за понатамошно следење на прилогот. Неразбирливото набројување на бројки на судски случаи ништо не значи за јавноста, затоа што без конкретно објаснување на суштината на тие случаи е тенденција за нецелосно информирање на јавноста.

Освен ставот на судиите, на јавноста треба да и биде овозможено да биде информирана и за ставовите и гледиштата на критичката, експертска јавност, која со години алармира за состојбите, поточно партизираноста и политичките притисоци врз судството, во случајов Уставниот суд, кој низ годините носи контроверзни и партизирани одлуки (според експертите).
Прилог за трибина за безбедноста во Македонија. Наслов: Нема опасност за македонската безбедност однадвор, додека водителката во најава упатува на изјава на експертите, кои сметаат дека “во иднина проблемите нема да доаѓаат од класичните армии, туку од организираните криминални групи и нивната спрега со политичкиот и етничкиот екстремизам”.

Првата изјава во прилогот се однесува на неопходност од спречување разузнавачите да диктираат политички настани во државата, што доколку се стави во контекст на сегашната ситуација, која не е спомената во прилогот, но е сугерирана, се укажува на опасноста од спрегата Заев- Верушевски- странски служби (тврдењето на власта дека во соработка со странски служби Заев и неговиот партнер Верушевски организирале прислушување).

Новинарот информира за истражување на Факултетот за безбедност според кое граѓаните сметаат дека “главна закана е невработеноста а сличен процент е за насилното симнување на демократски избраната власт”. Втората закана не е образложена, со што публиката може да претпостави или заклучи за кого станува збор, но ако се стави во директен контекст на актуелните случувања и ако јавноста ги поврзе со ова истражување, можеби би нашла директна поврзаност на опозицијата со заканата на безбедноста на државата.
Веднаш потоа, новинарот информира за анкета според која граѓаните се најзадоволни од армијата, претседателот и полицијата, додека незадоволството се однесува на судството, што е сосема контрадикторен показател од претходниот прилог, каде се говореше за невисност и непостоење на политички и други притисоци. Последната информација се однесува на функционирањето на инситтуциите, за што граѓаните се изјасниле дека е добро, а кое е поткрепено со слика и наслов: “Анализа: Институциите функционираат добро”, што повторно претставува сугестибилен методолошки пристап на конципирање и презентирање на вести (тивка пропаганда)- се подвлекува, се повторува содржината со насловот, за да остане запаметена.

Во прилогот за безбедносната состојба на Македонија воопшто не е споменато дали на трибината била дебатирана и разгледана актуелната состојба во државата, односно покопување на безбедноста преку прислушувањето, (не) ефикасноста на безбедносните структури и прашањето на нивна (не)инволвираност во целиот процес, како и нивната одговорност.
Следните три информации се однесуваат на политичката криза во државата: најпрво, водителката на вестите презентира вест- “Писмо на Црвенковски со поддршка со Заев”
Веднаш по писмото на Црвенковски, водителката информира за реакција на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ на писмото на Бранко Црвенковски.

Како сублимат на овие две информации, водителката со најава информира за ставот на министерката за внатрешни – Заев е се повознемирен, додека со идентичниот наслов во позадина ” Јанкулоска: Заев е се повознемирен”, како и во претходните вести, се потврдува информацијата, која во случајов говори за “набавување креирани и монтирани материјали, набавени на незаконски начин” (се мисли на прислушкуваните разговори).

Следува прилог на новинарка, која уште на самиот старт ја цитира министерката на МВР Јанкулоска за лидерот на СДСМ: Заев е се повознемирен (во неполна минута три пати се повторува истата информација), додека министерката за внатрешни за 15-тина минути по втор пат се појавува во вестите, што доколку длабински се анализира, може да се толкува и како загрижувачки тренд, согласно нејзината функција- прв човек на полицијата.

Во прилогот земена е изјава и од уметникот Александар Станковски , кој најпрво преку прилогот на новинарката говорејќи за оваа тема, вели дека “прислушувањето е навлегување во приватноста, која е светост во сите цивилизирани општества… освен хумористична вулгарност, не се виде нешто пострашно”, додека самиот Станковски сумирано вели: ” Курентната влада и оние кои носат одлуки се обвинувани за недемкратичност, јас би рекол точно, но недемократичност, зошто има премногу демократичност, дури како да сме на работ на една анархија, во позитивен смисол. Но, таа желба да се завладее од друга страна, го користи тоа за неетички деанија. ова е анархија, нема почитување на тие огромни слободи”.

Друг став и гледиште, контра-аргумент на Јанкулоска и Станковски не е презентиран на јавноста.
Следните два прилози се однесуваат владината поддршка за земјоделците- Прилог: Ќе се доделува државно земјиште под закуп. Не е земена изјава од земјоделци про и контра оваа поддршка, туку само од владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
Во слична насока е и следниот прилог- Земјоделците очекуваат 73 милионери евра за откуп на тутунот. Изјава од Стопанска комора, но повторно без изјава од земјоделците, директно засегнатите актери .

Што не беше објавено во вестите:

Протестот на Стојанче Ангелов пред Јавно обвинителство
Оставките на високи функционери на владиниот коалиционен партнер ДУИ и превирањата

Резиме:

Во ниту еден од прилозите на вестите не е консултирана, односно презентирана втората страна, односно критичкото мислење кое не кореспондира со официјалниот, владин или про-владин став. Доколку овие мислења (позитивното и критичкото) се судрат и се презентираат поинакви, спротивставени гледишта, односно валидни информации, публиката станува компетентна: таа ќе биде во ситуација да ги разгледа и да размислува за нив, да изведува заклучоци понатаму за состојбите во државата, во сите нејзините сфери- судството, полицијата, безбедноста, итн. Со тоа на јавноста и е даден простор да го креира своето мислење, да ја дава или одзема поддршката на власта или опозицијата, да ги конципира своите судови, да ги анализира темите и тешките прашања за кои е засегната, по што ќе биде во состојба да ги конципира начините на влијание во државните и општествените процеси, како како активен партиципатор, свесен за својата моќ и влијателност. Во овој контекст значаен индикатор е премолчувањето на одредени информации, гореспоменати- протестот на Ангелов и оставките на високите фунционери на ДУИ.

Пропагандистичката методологија на презентирање вести е веќе обработена погоре, со дуплирањето на презентацијата на вестите на водителот со насловите, информации со тенденција да бидат сугестивни и цементирани во меморијата на публиката.
Најголем дел од вестите, кога станува збор за минутажата, е посветен на информирањето и ставовите на власта, додека единствениот прилог во ударните политички вести кој ги презентира ставовите на опозицијата се однесува на писмото на екс-лидерот на СДСМ Црвенковски, во кое дава поддршка на неговиот наследник, актуелниот прв човек на најголемата опозициска партија, Заев.

Новинарски Пленум
Рецензент: Билјана Секуловска

Поврзани новости