Рецензија на Новинарски пленум на вестите на МРТ

by Фокус

Рецензија 29042015
Дневник 2,МТВ1 – 19:30
Уредник и водител – Биљана Василева-Трендафиловска
Траење: 25 минути

Најава:
– Бизнис форум во Баку
– На бизнисот му треба стабилност
– Делегација за мониторинг од Советот на Европа
– Расни немири во САД
Вестите започнаа со најава за ракометниот натпревар помеѓу Македонија и Франција во Скопје кој требаше да започне во салата Борис Трајковски.
1.Бизнис форум во Баку
Настанот во Баку, Азербејџан, беше покриен со јавување на новинарот Душко Арсовски кој отпатувал во оваа азиска земја со претседателот Иванов.
Прилогот на Арсовски беше фокусиран на понудата за инвестирање која претседателот Иванов ја испратил до тамошните можни инвеститори пред се во изградбата на хидроцентрали и патишта. „Дојдете во Македонија и уверете се дека земјата нуди поволни можности за бизнис“- покана од претседателот Иванов до неговиот колега Алиев и бизнисмените од Азербејџан.
Според Иванов, ова е прв силен чекор за економски односи меѓу двете земји. Пренесена е порака дека Македонија нуди добри услови за бизнис. Новинарот инфомираше деке е значајно Азербејџан да биде економски партнер на нашата земја поради тоа што за оваа година се прогнозира номиналниот БДП по глава на жител да биде безмалку 9.300 долари во Азербејџан, нафтата е главниот двигател на економијата а државната енергетска компанија СОКРА е со години меѓу најуспешните во светот и вработува 61 илјада луѓе.
Веројатно би било преамбициозно да се очекува од јавниот сервис критика за сериозните нарушувања на човековите права во Азербејџан каде што, според организациите за човекови права, над 30 лица се во затвор поради тоа што ја
критикувале владата.

2. Политичката криза не е добра за стопанството
На бизнисот му треба стабилност, порачал министерот за финансии Зоран Ставревски од денешната конференција за внатрешна финансиска контрола. Повеќе изјави на Ставрески кој вели дека одложување на решавањето на актуелната политичка состојба негативно ќе се одрази врз стопанството.

3. Европски претставници во мониторинг на Македонија
Во вториот дневник беше коректно кажано дека европската делегација е составена од пратеници од Советот на Европа а не од Европската унија бидејќи помеѓу овие две организации разликата е суштинска.
Советот на Европа е паневропска организација сместена во францускиот град Стразбург и во неа членови се пратеници од националните парламенти од нејзините 47 земји членки. Македонија е веќе членка на Советот на Европа. Европската унија е меѓувладина унија на 28 земји членки на кои Македонија би сакала да им се придружи.
Во прилогот беше емитувано кратко интервју на пратеникот Александар Николовски кој рече дека делегацијата бара политички дијалог помеѓу политичките партии во Собранието и бара решавање на правниот дел од кризата. Според Николовски, недозволиво е да се прекршува деловникот на Собранието и опозицијата да не доаѓаа веќе 12 месеци и, околу прислушувањето, делегацијата бара да се престане со прес конференците на опозицијата.
Во прилогот немаше изјави од пратениците од делегацијата на Советот на Европа.

Во првиот дневник во 17.30 часот имаше обид оваа делегацијата да биде претставена како да доаѓа од Брисел и од Европската унија чие што влијание за Македонија е далеку позначајно. Во вториот дневник овој обид исчезна. Во првиот дневник беше најавено дека ќе има заеднички заклучок од посетата на делегацијата и дека на 28 мај ќе има дебата во Советот на Европа за настаните во Македонија. Во вториот дневник ова не беше повторено.

4. ГТЦ-најголем демократски пораз на СДСМ
Четвртиот прилог беше еден вид анализа на Тања Каракамишева на референдумот за ГТЦ. Според неа, ова е најголемиот демократски пораз на СДСМ. Подвлечено беше дека СДСМ не може да го обвини ВМРО за ништо околу овој референдум. Изјавите на Каракамишева без извадени од нејзината емисија на радиото Слободна Македонија.
Во прилогот, за баланс, имаше и изјава на Петар Арсовски кој смета дека е рано да се зборува за ефектите од референдумот.

5. Науновски: Материјалите на Заев дело на Верушевски
Интервју и анализа со Тони Науновски. Тој не сака да влегува во содржината на “бомбите”, смета дека имаме релеванти пресуди од институциите на државата кои кажуваат дека тие материјали се нелегитимни и потоврува дека станува збор за креирани, монтирани материјали. Науновски забележува дека не се презентирани разговори на СДСМ или разговори помеѓу СДСМ и ДУИ. За Науновски, најавените протести на СДСМ “се тоа што го сакаат душманите на Македонија” и нелегитимен обид за преземање на власта. Се надева дека протестите нема да бидат насилни.

Со оглед на досегашните негирања на Науновски на улогата на ОБСЕ, изненадувачка беше неговата изјава дека треба да се подобри изборниот законик како што бара ОБСЕ и да се подобри квалитетот на изборниот процес и тоа барање на опозицијата, според него, е легитимно.

6. Избрани претседатели на повеќе основни судови
Во оваа вест беше емитувана само со кратка изјава на Бранко Ушковски без коментар.

7. Нема договор за државната матура
Средношколците повторно имаа средба во министерството за образование. Нема договор. Надлежните предложиле уште една година да се полага матура по стариот модел и да се формираат работни групи кои ќе работат на новиот концепт за следната генерација матуранти.

8. Бизнисот нема граници – Македонско-бугарска стопанска комора
„Создавањето заеднички производ на Македонија и Бугарија за европскиот пазар е добра шанса за промоција на економиите“, велат од Македонско- бугарската стопанска комора. Размената меѓу двете земји, пак треба да се збогати со нови производи и услуги.

9. Од јуни нови авиолинии поголем број туристи
Од јуни конекција со 33 европски метрополи и план на владата да се донесат 25 илјади патници на Охридскиот аеродром до средината на 2018 година.

10. Фридом Хаус за слободата на медиумите
На крајот на домашните вести се најде малку место за рангирањето на Фридом Хаус за слободата на медиумите. Беше кусо кажано дека Македонија е оквалификувана како делумно слободна и дека има притисоци врз новинарите и уредниците како и самоцензура.

11. Расни немири во САД, се шират протестите, двајца застрелани

Заклучок:
Во текот на денешниот ден немаше посебни вести за кои би можело да се каже дека МРТ ги премолчала. Прилозите беа коректни, но не се одликуваа со посебен квалитет ниту инвентивност. Уредникот се држел до основните информации на денот без да навлегува во коментари околу, на пример, средношколскиот пленум или анкетата на Фридом Хаус, теми кои се интересни за гледачите, но за власта не се пријатни. Впечаток на рецензентот е дека вториот дневник беше посиромашен од првиот дневник во 17.30 часот.

Новинарски пленум
Рецензент: Светлана Јовановска

Поврзани новости