Наместо на скара, на протест!

by Фокус

Работници, невработени, хонорарци, социјалци, стечајци, осиромашени граѓани!
Синдикатите и организациите членки на Повелбата за солидарност, по повод Меѓународниот ден на работничката борба Први Мај, ве повикуваат на:

ПРОТЕСТ ЗА СОЦИЈАЛНА ПРАВДА И РАБОТНИЧКИ ПРАВА

– Сиромаштијата е повисока од кога било порано!
– Работничките права се кршат секојдневно!
– Невработените се бришат од евиденција наместо да им се најде работа!
– Класните разлики станаа највисоки во Европа!
– Власта целосно ја деградира социјалната држава!
– Политичките елити манипулираат и го ограбуваат народот!

Изминатата година особено беа на удар:
– Вработените во јавниот сектор, а посебно во администрацијата, на кои им се наметнаа бројни нови правила за полесна контрола и полесно отпуштање на неподобните;
– Хонорарните работници, кои, принудени да живуркаат од хонорари наместо да имаат редовна плата, се изложени на осиромашување поради наметнатата обврска да плаќаат придонеси за хонорарите;
– Вработените во образованието, на кои фактички им е укинато правото да штрајкуваат преку легализирањето на штрајкбрехерството.

Покрај ова, треба да се напомене и континуираниот игнорантски однос на Власта кон вековниот проблем на стечајните работници, како и пресудите за невработените лица по повод кривичните пријави од Фондот за здравствено осигурување.

Жолтите синдикати, по обичај, ќе го преспијат Први Мај! Но ние, автентичните синдикати и организации за заштита на работничките права, ќе го кренеме нашиот глас! Дојдете ЗАЕДНО да го кренеме гласот против социјалната неправда и против кршењето и намалувањето на работничките права! Први Мај не е ден за скара, туку ден за борба за нашите права!

Синдикат на УПОЗ
Конфедерација на синдикални организации на Македонија
Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници
Синдикат на културата на РМ
Синдикат на македонската дипломатска служба
Движење за социјална правда „Ленка“
Левичарско движење „Солидарност“

Поврзани новости