Рецензија на филм на невидено

by lali 10:16
10:16

Заради вистинско доловување на тешкотијата на чувството и суштината што сакам да ги пренесам трудејќи се да објаснам колку е некогаш тешко да се запише тоа што се случува во и со Македонија, ќе морам многу од речениците да ги кажам во прво лице еднина.

ЗА ПАТ И ПРУГА ИМА ЗЕМЈА ДРУГА

- Advertising -

Така, пред некој ден слушав радио Кина на некоја локална радиостаница, која, како и разноразни други странски сервиси, е дифузирана во земјава и најверојатно тоа е слобода која баш не придонесува да се качиме малку погоре на листата на слободата на медиумите и дознав како српскиот премиер со кинеска помош ќе ја обнови пругата Будимпешта – Солун. Ден претходно, исто, оттаму дознав дека албанскиот премиер ќе го изгради „Патот на Арбри“.

И размислував, не само што ќе се случи во оваа нова епизода на кинеско-балканската романса, туку и колку пруга и автопат од тоа договореното ѝ припаѓаат на Македонија, за кои, ете, се договараат некои други и трети земји. Стигнав дури да размислам имаме ли воопшто ние влада, нешто како премиер, претседател итн. Извршна власт, оти другите две власти, судската и законодавната, веќе од поодамна ги заклучивме како малку повеќе од невидливи.

Претседателот го најдов и го видов како држеше некој букет со цвеќе на некој од срам поцрвенет тепих, па почнав да го барам премиерот. Дознав дека тој ќе оди во Турција на работен состанок со човекот кој сега е тамошен премиер, а кој, додека истиот беше министер за надворешни работи, понуди спојување на конзуларните работи по амбасадите низ светот: Ахмет Давутоглу. И тоа само еден ден откако истите ние го потпишавме тоа со Србија, иако турската понуда беше доставена порано и, освен што не беше потпишана, не беше докрај ни достојно одговорена.

ПОЈАДОК КАЈ КАМЕНИ ЗА ФИЛОЗОФИ ДРВЕНИ

Потоа, поради фактот дека ова размислување се совпадна со едно проаѓање преку Камени мост, за каде што Коце Трајановски, образложувајќи го „Појадокот кај Камени“, рече дека е потстрек за многу размислувања итн., размислував уште повеќе. Дури и за тоа дали овие малку подалечните, Турција, Русија и Кина, гледаат колку и како брзо ние ги нарушуваме односите со поблиските ни Србија, Албанија, Бугарија и докажаните Украина, Германија и САД? Па, да увидат дека, кога можеме со овие за ден-два, со една или две насловни во некој весник да расипеме сѐ, па на Кина, Турција, Русија и слични само ќе им бидеме недостапни. Па, и така сме невидливи. Или, сепак, Кинезите се можеби помудри и веќе го знаат ова, па затоа, ете, ни градат пруга со Србија и патишта со Албанија?!

Не отидов да појадувам на Камени мост и веројатно затоа докрај не можев да ја обмислам сета тешкотија на опишувањето на земјава, но, сепак, најдов илустрација за тоа на што личи опишувањето на нашето секојдневие. Тоа е рецензија за филм кој самиот рецензент не го гледал. Така, тој човек, дали поради објективни или субјективни причини, дали присилен од описот на работата или од рокови, седнува да напише некој збор за филмот што не го гледал и мора да се послужи со претпоставки. Па, потоа, поради тоа што постои приказна во филмот, мора да има и главен јунак, поради тоа што постои убиство, мора да има и убиец и така натаму, прво претпоставува, па потоа лафи за тие глумци, сценарио или режија од филмот што не го гледал. На невидено.

Така и Македонија, поради тоа што е држава, некој претпоставува дека има влада, премиер, политика, односи со соседи и јавно мнение. Кога, сепак, би се објавила таа рецензија и кога дури потоа би се гледал филмот, би се видело дека тоа не било баш така. Попис нема, владата невидлива, третите соседи се именуваат како соседи, иако меѓу нив постои  Македонија, а ЕУ и НАТО гледаат вчудовидено на сето тоа како Жилиет Бинош на црвениот тепих во Битола. На крајот, сепак, не знам, ни неа, ни нив колку сето тоа ги засега. Знам дека нас нѐ засега многу!

Поврзани новости