“Ресетирањето” на државата и падот на Груевски се два различни процеса

by Fokus

Ида Протугер Вељковиќ

Лавина негодувања против новиот пржински договор, критики за отстапките, барање на граѓанскиот сектор да седне на преговарачка маса макар како набљудувач. Сето ова покажа колку е конфузна ситуацијата околу дефинирање на политичката криза и решенијата за излез од неа. Оттука се чини дека постои потреба за систематизација на процесите. Прво потребата за “ресетирање” на државата и падот на Груевски се два различни процеса. Политичката криза не е резултат на незадоволството на опозицијата која мисли дека немала услови на фер начин да се натпреварува за власт. Тоа е погрешно.

Политичката криза настана како кулминација на долгогодишното понижување на поединецот и на институциите, наталоженото незадоволство и гнев кај огромен број граѓани од грубото киднапирање на државата и ставање во функција на сите институции и државни ресурси на една мала мафијашка група на власт. Во тие години на груевистичко владеење професионалните способности на поединецот беа целосно девалвирани со паралелна промоција на партиската лојалност што произведе неуки квази-професионалци со инстант дипломи или скромен стручен капацитет да ги запоседнат сите одлучувачки позиции во институциите, медиумите, правосудството итн. Законите се менуваа според мафијашките апетити на киднаперите на државата, а така се делеа и парите на граѓаните.

Системот на функционалност на државата не беше насочен кон тоа да обезбеди права и заштита на поединецот, туку обратно, тој да стане сосема незаштитен и зависен од вољата на мафијашката група на власт. Точно дека најголемата опозициска партија адресира најголем дел од тоа незадоволство со промовирање на потребата таа ситуација да се смени, но нема никаква гаранција дека, на пример, СДСМ има капацитет и желба навистина да ја ресетира државата според потребите на едно модерно, демократско општетво во кое секој поединец ќе биде уверен дека власта ги троши парите за да обезбеди просперитет на долг рок и дека институциите ги штитат неговите права, а не го оставаат на милост и немилост на вољата на оној што освоил власт.

Способноста на СДСМ за тоа ќе биде ставена на тест тогаш кога ќе победат на фер избори. Оттука сега е неправедно ниту да се прогласат априори за неспособни, ниту пак да се глорифицираат како гарант на враќање на демократските вредности. Значи излезот од политичката криза бара два процеса, првиот е симнување на Груевски од власт како извор на кризата и аномалиите што произлегоа од неговиот поход во разградување на демократските елементи на државата, и вториот, враќање кон тие демократски вредности, односно замена на трулите темели врз кои сега почива државата, со здрави кои ќе ја вратат улогата и правата на поединецот во фокусот на функционирање на системот. Овие два процеса можеше да се случуваат и паралелно, со експертска влада која не би имала товар да оправдува некакви очекувања пред гласачите и да прави лоши компромиси. Но за воља на вистината, од сегашна временска дистанца, една година од пржинскиот договор како најсериозен чекор за решавање на состојбите, тој процес делува дека ќе беше премногу долг, со оставање голем манверски простор на Груевски за натамошни манипулации, корупција и злоупотреби. Вториот начин е преку избори да се дојде до точка од која е воопшто возможно да се вратиме кон нормалноста, затоа што со секој ден Груевски на власт, тој само може да го доразнебитува системот и да го подредува на својата воља и потреби.

Ако се согласиме дека се потребни избори кои ќе обезбедат фер натпревар, тие не можат да се организираат без оние на власт и за тоа се потребни преговори. Без оглед дали редовни, пред терминот, теренот за одржување на изборите и во законодавна смисла и со злоупотреба на јавните пари пред овој договор беше така подготвен, да победникот однапред се знаеше. Сега опозицијата верува дека обезбедила договор што ќе и овозможи фер битка, таа учествува на политички избори, а не граѓанските здруженија и затоа мислам дека треба да се даде шанса. Ситуацијата е сега сменета од времето пред “бомбите” кога сите знаевме, но немавме доказ како Груевски ги мести изборите, така што се стеснува во голема мера нивниот простор за манипулација.

Ако таквите избори за кои опозицијата вели дека верува дека ќе бидат фер и демократски би го дале Груевски за победник, политичката криза нема да се реши бидејќи незадоволството од неговиот автократски начин на владеење кој што обезбедува услови за живот само за неговите приврзаници и послушници, нема да го смири гневот кај останатиот дел од граѓанството. Ако пак изборите ги добие СДСМ, тогаш веќе се создаваат само услови ситуацијата да почне да се менува кон она што го велиме враќање кон “нормалното” бидејќи СДСМ и неговите коалициски партнери засега декларативно се залагаат за такви промени. Како што реков, нивниот капацитет за темелни промени ќе биде ставен на тест дури по падот на Груевски. Но, она што веќе направи квалитативни промени е граѓанскиот сектор и веќе ништо после Шарената револуција нема да биде исто. Граѓанството артикулирано преку невладини организации, но и активни поединци ќе остане силен коректив на обидот за повторно дисторзирање на реалноста со пропаганда или партизација на институциите и трошење на јавните пари според аршинот на партиските потреби.

Шарената револуција даде две големи придобивки, првата од која бенефицираме сега е победата над стравот. И втората, од која ќе бенефицираме во иднина е освестеното граѓанството кое ќе делува организирано и силно кога го лажеш, манипулираш и ограбуваш. Заклучокот е дека без оглед што ние сите сакаме да си го вратиме достоинството, институциите, правдата веднаш, што сакаме Македонија да стане место каде поединецот не само што ќе ги остварува своите права туку и ќе има можност да ги развива своите потенцијали наместо да бара подобар амбиент во странство, тој процес е долг и не се решава со изборите. Тогаш дури ќе почне ако тие навистина се фер и демократски и донесат промени.

Ќе ислустрирам само со пример од мојата професија. Го разбирам отпорот на новинарските здруженија да учествуваат во некакви хибридни решенија кои не значат реформи во медиумскиот сектор (процес што ќе биде долготраен), но поздравувам ад хок тело како брзо решение кое ќе се обиде да озбеди некаков балансиран амбиент за да се дојде до фер избори. Откако го прочитав пржинскиот Договор, не мислам ниту дека ова хибридно решение ќе даде очекуван резултат бидејќи предвидените санкции, висина на казни редуцирани во однос на законски предвидените, нема да ги принудат дебело корумпираните медиуми и новинари на балансирано известување. Посоодветна казна би била забрана за рекламирање (комерцијално). Но најголемата опозициска партија верува во решението и да дозволиме обидот да дојдеме до почетна позиција за ресетирање на државата (фер избори) да се случи.

Во политичките преговори решенијата никогаш нема да бидат добри и прифатливи за сите затоа што тој што ја урива државата со понижување и злоупотреба на институциите, законодавството, масовна корупција и медиумска пропаганда, тој нема да се согласи дека тоа е погрешно и дека за тоа треба да одговара. И политички и кривично. Политичкиот договор има барем шанса и изборите ќе покажат дали е таа добра. Но освестеното граѓанство е “петтиот” елемент што треба да има клучна улога на долг рок, како коректив на сите политики кои ќе застранат од патот, за кој кај демократската јавност постои консензус дека се услов за враќање на вредностите и се бори за нив.

 

Поврзани новости