Републиката во пламен – претседателот ја запали, ајде да ја спасиме!

by Фокус

Кирил ЕФРЕМОВСКИ

Пред само седум дена баравме „нов тригер“ кој ќе не изнесе на  улиците. Неочекувано, тој сепак почна да се случува вчеравечер. На овие исти он-лајн страници ја заговарав идеата дека доколку не се случи бојкот и масовни протести кои ќе предизвикаат промена на зацртаната одлука за распишување избори и нивно одложување од 5-ти јуни, многумина ќе си купат билет во еден правец и ќе ја напуштат Македонија.

Во ваква општествена состојба, кога најповиканите политичите елити не нудат видливи и прифатиливи решенија за излез, туку напротив со сите потези работат на продлабочување на целокупната општествена криза, улицата можеби и не е’ најпосакувано решение за спротивставување на кликата и властодршците бидејќи би предизвикала сериозни безбедносни консеквенци и ризик за целосно безредие, но таа во овие услови е повеќе од нужност, а пред конечната одлука за трајно напуштање на ова парче земја.

Убиец на правото и правдата

Вчерашната, за многумина, противправна и ништовна одлука на Претседателот на Република Македонија  со „општ акт“ да ги прекине правните постапки во кои се сомничат најозогласените лица од владеачката клика со сериозни идниции за сторени тешки кривични дела за изборни криминали и, притоа таквата одлука да ја „избалансира“ со тоа што ќе аболицира и осомничени лица од опозицискиот табор, е целосно уривање на правната држава и владеењето на правото. Не се ниту навредливи, ниту претешки зборовите дека довчерашниот професор по право кој се одзива на името Ѓорге Иванов по наговор на владеачката ВМРО-ДПМНЕ, изврши сериозен државен удар врз правниот поредок и го поништи Договорот од Пржино. Со одлуката за аболирање, претседателот на државата го уби во поим сето значење на терминот владеење на правото и ја ничкоса републиката и демократијата во сите нас. Присилен од некого или не, вака или онака, едно никогаш не треба да се заборави – дека Иванов лично е најодговорен за таквото поведение, без разлика на позадината на целата операција и нејзината неоправданост. Ставовите дека имаме „увезена политичка криза“ и дека со ваквата негова одлука таа криза ќе се реши, можат да дојдат само од разумот на тотален политички дилетант, кој нема никаков сенс  за државност, одговорност и позицијата којашто во моментот ја има.

И бидејќи Иванов нема и не може да има никакво оправдување за ваквата одлука за аболирање,и злоупотреба на таквиот правен институт, најмалку што можеме да побараме е негова оставка и одговорност. Таа, секако, нема да се случи доколку чекаме на неговите морал и совест, па заради во следните недели  брањето негова оставка артикулирано и заеднички треба да го побараме преку масовни протести на улиците во Скопје. Гласот против корумпираните политичари и неказнивоста (impunity) мора да биде што погласен, како и барањето одговорност.

Добивме „тригер“

Сега е моментот за тој толку баран “тригер“ кој треба да не натера да излеземе  од нашите комфорни позици, од немањето време и од удобноста на нашите домови. Доста беше од поделби, лукративност, суети и ега или „политичка незаинтересираност“. Потребно ни е унитарност во праките, покажување на заедништво како никогаш претходно, бидејки целта е една – оставка од Иванов, одложување и суспендирање на отпочнатит процес  за одржување избори на 5-ти јуни! Немаме време! Свестете се, Републиката е во пламен! Оние кои со години крадеа, го уништуваат правниот поредок само за да си обезбедат личен благодет и за во следните 200 години, додека сите нас  не соголија до гола коска, а правото целосно го ничкосаа, сега е правиот момент да се запрат. Доста беше. Граѓаните кои сакаат правда, еднаквост, спречување на неказнивоста, кои бараат законитост и слобода, се оние кои вечерва и во следните денови треба да бидат на скопските булевари и улици, пред институциите и она што се уште остана од нив. Македонија повторно мора да се крене на нозе.

Бидејќи во демократијата граѓаните се оние кои даваат и одземаат власт, а тогаш кога институциите функционираат само онака како што ќе посака болументата на владеачката клика и коалиција, сосема оправдано е да се повика на улична демократија. И овде не се работи за сдсмовски сценарија, преку кои тие би дошле на власт, а “чадорот“ бара ВМРО-ДПМНЕ и Груевски да се повлечат. Не! Се работи за повраток на државата и правото, за гасење на пожарот кој го подметнаа властодршците само за да се спасат. Бидејќи пожарот го подметнаа оние кои се платени да ја штитат државноста и републиката,  притоа незапирно дотурајќи бензин врз огнот, сега, а не утре или подоцна е моментот кога мораме масовно да им кажеме дека е доста и ова мора да запре. Таквите пораки и барање мора првенствено да ги упатат граѓаните, а потоа членовите на една или дуга партија или опозиција. Да покажеме дека заеднички можеме да го вратиме она што ни е узурпирано и одземено, а ни пришаѓа нам – на граѓаните, бидејќи тие се онаму каде што се поради нас.

„Време е! Се гледаме на улиците!“

 

Поврзани новости