Новоформираното републиканско мнозинство во Претставничкиот дом на САД ја отвори долго ветената истрага против американскиот претседател Џозеф Бајден и неговото семејство.
Републиканците во Долниот дом на Конгресот сега имаат четири места повеќе од демократите, па затоа можат да побараат информации како подготовка за јавни расправи.
Републиканскиот конгресмен Џејмс Комер, претседател на Комисијата за надзор на Претставничкиот дом, изјави дека овој комитет испрати серија писма до Министерството за финансии во кои бара информации во врска со финансиските трансакции на семејството Бајден кои може да се сметаат за сомнителни активности.
Републиканските конгресмени, исто така, бараат сведочење од повеќе функционери на Твитер вклучени во справувањето на компанијата со пишувањата на Њујорк Пост од октомври 2020 година за Хантер Бајден, помладиот син на претседателот.
Републиканците тврдат дека ширењето на приказната било потиснато од политички причини.