Република Македонија како име не фигурира во договорот постигнат со Грција и ратификуван вчера во Собранието. Македонија во текстот на договорот е застапена под името „втората страна“ како што стои и во преамбулата.
„Првата страна, Грција („Првата страна“) и Втората страна, која беше примена во Обединетите нации согласно резолуцијата 47/225 од 8 април 1993 г. на Генералното собрание на Обединетите нации („Втората страна”), заедно именувани како „Страните“.
Поранешната судијка на Врховниот суд, Милојка Калкашлиева, вели дека поради ова Македонија не е обврзана да го испочитува и спроведе договорот. Според неа, договорот не е склучен во име на Република Македонија.
„Тој договор е склучен, како што стои во неговиот текст, меѓу грчката република и некоја втора страна за која не е наведено име, туку е опишана со број и со датум на актите. Преспанскиот договор не е договор на Република Македонија, читајте го внимателно текстот. Нашата држава – Република Македонија, ја нема во тој договор“, вели Калкашлиева во колумна за „Нова Македонија“.
Според неа, согласно Уставот, меѓународните договори во името на Република Македонија ги склучува претседателот на Република Македонија. Владата, додава, склучува такви договори само кога е тоа определено со закон.
„Министер, пак, и министер за надворешни работи, воопшто не може во име на Република Македонија да настапи како договорна страна во склучување меѓународен договор. Оттука, Преспанскиот договор не може да создава обврски за Република Македонија, како поради фактот што не е наведено името на државата Република Македонија како договорна страна, така и поради фактот што министерот за надворешни работи се потпишал на тој договор како овластен претставник на втората страна. Владата не можела да му даде овластување на министерот за потпишување таков договор, затоа што и Владата не е надлежна да склучи договор за промена на името на државата“, вели Калкашлиева.
Судијката смета дека никој, па ниту претседателот, нема право за промена на името на државата, затоа што Уставот не предвидел таква основа.