Со реплики и контрареплики за тоа колку биле успешни првите три пакети на антикризни мерки продолжи попладневната расправа за ребалансот на буџетот во собраниската Комисија за финансирање и буџет.
Опозицијата обвини дека успешноста на мерките е многу мала и оти тие не се креираат за да им помогнат на компаниите и на граѓаните. Обвинувањата од опозицијата се дека и проектот „Викенд без ДДВ“ дожевеал вистински дебакл.
Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека бројот на невработени галопирачки растат и оти согласно податоците на Агенцијата за вработување има 150000 невработени лица. Коригиран е и номиналниот износ на БДП во надолна линија и според тоа буџетскиот дефицит е 8,5 проценти, место претходно проектираните 8,4 проценти, а јавниот долг е зголемен од 59,5 проценти од БДП на 60,3 проценти.
Сања Лукаревска од СДСМ во репликите на пратениците од опозицијата рече дека за една мерка дали е успешна или не, важно е дали таа им помогнала на компаниите. Посочи дека на 309 илјади граѓани им се доделени платежни картички и оти вакви картички се предвидени и во четвртиот пакет. Мерката за финансиска поддршка за исплата на плати на месечно ниво ја искористиле околу 20 илјади компании за 120 илјади вработени, а финансиска поддршка добиле и самостојните вршители на дејност.
– Ова се факти и аргументи, рече Лукаревска.
Собраниската расправа по ребалансот на Буџетот почна денеска и согласно Деловникот за работа на Собранието, може да трае најмногу 10 работни дена. Поднесени се околу 170 амандмани.
Министерот за финансии Фатмир Бесими во образложението рече дека со ребалансот на буџетот се овозможува спроведување на четвртиот пакет антикризни мерки, кој има за цел да обезбеди одржливост на домашните економски дејности и на работните места, да закрепне одредени дејности и да обезбеди стабилност на социјалните трансфери, истакна денеска министерот за финансии Фатмир Бесими пред пратениците.