Министерството за здравство утрово информираше дека завршило реновирањето на Универзитетската клиника за нефрологија. Комплетно нов лик сега имаат интензивниот оддел, како и одделите за хронична и акутна дијализа, одделот за трансплантација на бубрег и за васкуларни пристапи.
-Со оваа инвестиција, значително е унапреден квалитетот на здравствената заштита, имајќи предвид дека оваа клиника е единствена установа во државата која третира најкомплексни пациенти со бубрежни заболувања, се вели во соопштението на МЗ.
Според нив, покрај градежните работи, направена е целосна замена на болничките кревети и помошна немедицинска опрема. Во насока на унапредување на третманот на пациентите со бубрежни заболувања, обезбедени се современи апарати за континуирани методи на хемодијализа, за третирање на најкомплексните пациенти со бубрежно затајување, кои бараат интензивна нефролошка нега.
Исто така во тек се подготовки на тимови од нефролози и инфектолози за изведување специфични третман кај најтешките пациенти со Ковид-19 инфекции, кај кои е поставена индикација за лекување на такананаречена „цитокинска бура”, според прифатените светски протоколи.