До внатрешната контрола на МВР во изминатите дваесетина дена стигнала претставка од пратеничката и се уште потпретседателка на Собранието Фросина Ременски, која исто така е осомничена во случајот Рекет за активностите на Меѓународниот сојуз, јавува Телма.
Ременски се жалела за постапувањето на полицајците кои по налог на обвинителсвото вршеле претрес во нејзиниот дом. Според информациите на Телма, Ременски за време на претресот не била во домот што било наведено и во претставката.
Од внатрешна контрола потврдија дека претставката се разгледува и не може да прејудицираат каква одлука ќе биде донесена. Уште трае законскиот рок од 30 дена во кој внатрешната контрола треба да одговори, ни рекоа од овој оддел на МВР. Иста претставка Ременски поднела и до народниот правобранител.
Во претресот на кој сега се жали пратеничката биле најдени доверливи и класифицирани документи од УБК. Тие се предадени во обвинителството, а потоа за нив е известена и наследничката на УБК, новата Агенција за национална безбедност.