Преписка ВМРО-ДПМНЕ -Ременски: Дали пратеничката ќе заврши како Катица или ВМРО ќе одговара за шпионажа

by fokus

Преписката на Фејсбук меѓу портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски и пратеничката од СДСМ, Фросина Ременски која е осомничена во продолжението на истрагата за „Рекет“, откако беше објаевено дека при претрес во нејзиниот дом биле најдени доверливи документи од МВР, каде работеше нејзиниот сопруг, Јовче Ременски, продолжи и утрово.

„Од професор, преку технички министер и потпретседател на собрание па се до осомничен криминалец со мерки за обезбедување изречени од суд. Ова е патот на Фросина Ременски и алчните, нереализирани ликови кои му веруваа и му слугуваа на Заев и надевајќи се дека исто како него ќе бидат заштитени и ќе минат неказнето. Криминалот не се исплати, госпоѓо Ременски. Заев нема да ве заштити ниту вас, ниту вашиот сопруг. Заев гледа да се спаси себеси и најблиските. Може и ќе се обиде ама вие ќе одговарате. Пред да ве прашам за материјалите, ќе ни кажете дали постирате статуси од мобилните што ги изгубивте пред да ве приведат? Што имаше на тие мобилни ? Иста ви е финтата како на Катица. Лош ви е советникот што ви кажува да се ослободувате од телефоните. Туку, ајде сега посериозно. Како професорка ќе сакате ли да ни кажете по кој закон Јовче Ременски си изнесува класифицирани материјали и си ги чува дома? Да не има некоја посебна НАТО процедура за семејство Ременски? Воопшто не е наивна работата. Меѓународни претставници и од земји членки на НАТО следат што се случува и се интересираат како ликови како Јовче Ременски може да работат во новата АНБ. Веројатно сте свесни за штетата што ја нанесувате на Македонија. Ќе си одговарате и со Русковска и без Русковска.И на крајот, немојте да мислите дека со вашите закани некого ќе заплашите . Ниту ќе ме исплашите, ниту ќе ме спречите да ја кажувам вистината!“, напиша Ѓорѓевски.

Пратеничката која пак тврди дека документите најдени во нејзиниот дом не се предмет на кривично дело и не се на нејзиниот сопруг, напиша дека ќе чека да слушне како се брани шпионажа по НАТО стандарди.

„Ранобудна неписмена реакција кој не вреди да се анализира, но суфлерајот од квазиекспертите и “НАТО експертите” заборавиле да му кажат се, и за што друго ќе се интересираат претставниците на меѓународната заедница за брзо време. Нека ги праша можеби ќе му кажат. Нека се расони и нека прочита некој закон повеќе пред да напише нешто “паметно”. И нека не се секира воопшто, дали професорката што пријави криминал на многу нивни брифери ќе одговара или не. Нека се секира како ќе објаснуваат дека, нивниот, опозициски собраниски надзор над безбедносните служби спие и слугува, додека професорката поднесува кривични пријави и поставува незгодни прашања. Да не бидат многу изненадени за почеток нека смислуваат како ќе го (од)бранат лустрираниот што ги “спасува” и денес, а после ќе сакам да чујам како се брани шпионажа по НАТО стандарди. И на крај, не “ја зборуваш вистината”, туку читаш напишани брифинзи од исплашени луѓе кои се закануваат преку твојата фрустрација. Заканата не е стил на професор, туку на манипулатори и блефери. До тогаш време е за паметни работи“, напиша Ременски.

Ова следува откако Ременски реагираше на прес-конференцијата на Ѓорѓиевски. Таа порача дека од документите, кои обвинителството ги заплени при претрес во нејзиниот дом, „могу бргу ќе ги боли глава“.

Поврзани новости