Во серијалот интервју на ЦИВИЛ Медиа, министерката за труд и социјала, Фросина Ременски открива како власта манипулира со бројката невработени. Фокус ви го пренесува интервјуто.
ЦИВИЛ Медиа: Со вашето доаѓање во Министерството за труд и социјална политика, започна да се спроведува вонреден инспекциски надзор во Центрите за социјални работи. Со каква состојба се соочувате на терен? На кој начин и со кои механизми планирате да се справите со состојбите кои ги откривате во работењето на центрите?
РЕМЕНСКИ: Со цел да се утврдат одредени состојби во Центрите за социјална работа во Република Македонија, и во други јавни установи кои влегуваат под надзор на Министерството за труд и социјална политика, се формираa работна група и комисија кои треба да направат вонреден инспекциски надзор на примената на одредбите од Законот за социјална заштита, во делот на остварување на правата од социјална заштита за граѓаните на Република Македонија, бидејќи центрите за социјална работа, кои одлучуваат во прв степен по барањата на граѓаните, се непосредните одлучувачи за доделување на социјалната заштита. Спроведувањето на вонреден надзор во дел од центрите е при крај, но во некои, сé уште е во тек. Се утврди потребата и за дополнителен вонреден инспекциски надзор на општата законитост во центрите и за увид во комплетната документација донесена од директорите и од управните одбори, за да се согледа усогласеноста на актите на центрите со законите, како и исполнувањето на одлуките како обврска на директорите и отчетноста на директорот пред управниот одбор, во делот на финансиско работење што е обврска по закон, но и севкупното работење на директорот.
Во текот на овој надзор, во однос на овие две прашања, утврдивме неколку проблеми што бараат итно и неодложно решавање. Во најголем дел – непостапување во законски утврдениот рок во центрите, во однос на утврдување на фактичката состојба на барателите на социјална помош, меѓутоа и севкупната административна работа која бара запазување на одредени законски рокови, а тоа е најголем дел во сферата на социјална заштита. Веќе изнесовме податоци дека на голем број приматели на социјална парична помош им е ускратено правото за 2014, во делот на примената на новите измени и дополнувања на Правилникот со кои се утврдуваат приходите. Во тој контекст, забележавме ретроактивна примена на правилникот што е спротивно на членот 52, став 4, во Уставот на Република Македонија, каде е забранета ретроактивна примена на законите, освен ако се поповолни за граѓаните. Во овој случај, утврдивме дека таква ретроактивна примена има, и дека голем број граѓани останале без правото на социјална парична помош. Ние денеска до Основното јавно обвинителство поднесовме иницијатива за утврдување на кривична одговорност за сите инволвитрани во случајот на ретроактивна примена на законот, меѓутоа, и во пречекорување на овластувањата на лице кое е на пробна работа во Министерството, а одлучувало во втор степен по жалбите токму на лицата кои изгубиле право на социјална заштита. Во таа насока сите овие прашања ги вадат на површина проблемите во центрите за социјална работа.
Останува да ги видиме останатите наоди, за да може да се пристапи кон отстранување на проблемите со кои во постапувањето, се соочуваат и центрите и Министерството. Побаравме надзор од управниот инспекторат, за да се увидат одредени затекнати состојби, по пречекореното овластување на лице на пробна работа во Министерството, и откако министерот спротивно на законот, делегирал потпишување на акти на лице кое не е во постојан работен однос во Министерството. Освен овие прашања кои тангираат права и обврски на граѓаните-корисници на социјална парична помош, утврдивме дека повеќе од 26.000 граѓани како членови на семејства, останале без социјална парична помош во однос на претходните укажувања. Утврдивме и други неправилности во работењето на центрите за социјална работа, особено во делот на правата и обврски на директорите на центрите. Заклучивме дека ниту еден од директорите, од вкупно 60, ја немаат исполнето својата законска обврска од Законот за социјална заштита, да потпишат менаџерски договор со министерот за труд и социјална политика. Во најголем дел, изборот на директори е направен во октомври 2015 година, решенијата и постапките за избор на директорите се одвивале во втората половина на 2015 година, а изборот за 20 директори е направен во октомври и ноември 2015 година. Меѓутоа, не се пристапило кон законски утврдената постапка во која со избраните директори, министерот склучува менаџерски договор со кој се уредуваат правата и обврските на директорите. До сите директори на центрите за социјална работа е испратен договор кој бил утврден претходно како текст, за да се регулира нивната законска обврска да потпишат таков договор со Министерството. За жал, постојат два неуспешни обида за состанок со овие директори, во делот на нивната законска обврска да потпишат менаџерски договор, со укажување дека тоа било пропуштено со поранешниот министер Диме Спасов, а со цел, понатамошното работење да биде согласно со закон. Наидовме на неразбирливи објаснувања за причините зошто не се појавија два дена на работните средби, за потоа, да продолжат со чудни образложенија кои се однесуваа на текстот на договорот, дека е доброволен, а не законска обврска, дека во облигација треба да се преговара, заборавајќи дека обврската веќе пропуштиле да ја прават. Неисполнувањето на таа законска обврска, го става под знак прашалник понатамошното нивно работење во делот на контролата што ќе ја има Министерството и министерот на нивното работење. Особено, ако се земе предвид дека одговорност во работењето имаат освен пред УО на центрите, и пред Министерството.
Ако се земат предвид сите укажувања кои ги имаме од домашни и меѓународни релевантни организации, во однос на изборниот процес и на начинот на кој делувале одредени раководители на центрите, во период на избори, а по однос на притисоци кон гласачите, тогаш прашањето зошто досега не се постапило по законски утврдената обврска од 2013 година – за потпишување на договор на директорите со министерот, одговорот е повеќе од јасен. Никому не му одговарало, во период на избори, да ја има обврската да почитува одредени обврски од договор, врз основа на чие неисполнување, би можел и да биде разрешен и законски да одговара.
ЦИВИЛ Медиа: Намалувањето на невработеноста е еден од најголемите проекти што го промовира владејачката коалиција. За што навистина се работи и кои се реалните причини за статистичкото намалување на невработеноста?
РЕМЕНСКИ: Многу пати досега и од стручната јавност, и од позиција на опозиција и од позиција на академска јавност, се спори процесот на намалување на невработените во Република Македонија, ако се имаат предвид бројните фактори кои влијаат на фактичкото намалување на бројот, односно, на заведените невработени во Агенцијата за вработување. Особено, ако ги земеме сите измени и дополнувања на законските обврски со кои на регистрираните невработени им се наметнуваат обврски за пријавување секој месец, пријавување редовно во ден, час, за да можат да ги искористат правата за невработени и ако ги имаме предвид статистичките податоци кои покажуваат голем број иселени лица кои никогаш не стигнале да се пријават во Агенцијата за вработување. Тука мислам на лицата кои завршуваат средно образование и можеби, поради икс причнии не се регистрираат. Зборуваме за иселените од Македонија, кои заради времето на отсуство, по автоматизам им престанува евидентирањето во агенцијата. Па, се поставува прашањето: дали овој процент од 25,5, кој се вели дека е историски најмалата стапка на невработеност во Македонија, е последица на реален процес или се должи на повеќе маневри кои ја намалуваат драстично стапката на невработени лица. И, само за потсетување, дека и во Министерството за труд и социјална политика има голем број жалби што се нерешени или се во тек заради бришење од евиденција по неколку основи.
Едно е непријавување во утврден рок, меѓутоа доколку центри го евидентитраат лицето дека избгубило некое од правата од социјална заштита се брише од евиденција по автоматизам и обратно. Доколку лицето кое е невработено не се евидентира, а е корисник на некое од права на социјална заштита, му престанува правото на социјална заштита. Во тој дел има двојно прекинување на правата. Но, имаме и голема дилема во делот на бројките, особено ако се има предвид дека Фондот за пензиско и инвалидско осигурување за 2014 година, избројал 536.191 вработен, додека Државниот завод за статистика избројал 696.000 вработени! Значи, станува збор за бројка од 160.000 (не)вработени што се јавува како разлика, со бројот на Заводот за статистика, кој го утврдил врз основа на анкета, а не врз основа на реални показатели. Додека пак, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, оваа бројка ја има регистрирано врз основа на плаќање на придонеси на работодавачите. Останува нејасно, каде се губи таа бројка од 160.000 вработени во период од една година?! Односно, дали за тие 160.000 лица разлика, се плаќаат придонеси во Фондот или не се плаќаат? Освен тоа, слушаме многу реклами како „Македонија вработува“, во кои голем удел има програмата на УНДП, и финансиската помош од странски организации за вработување на младата популација. Или, онаа бројка со која се излегува од Агенцијата за вработување, за тоа колку фирми ја искористиле таа поволност и колку лица се вработени. Но, располагаме и со друга статистика дека тие права не толку ажурно се почитуваат.
Постојат барања од фирми кои бараат надомест на финансиски средства за субвенционирање на вработувања, што останало како дел од владините мерки. Постојат и бројни претставки кои докажуваат непочитување на правата од работен однос, како што е К-15 што беше многу актуелно деновие, особено со крајот на фискалната година и обврската на работодавачите во приватниот и во јавниот сектор, да ја почитуваат ова обврска. Постојат и голем број на претставки за немање на здравствено осигурување во државни институции! Само за потсетување, Министерството за внатрешни работи нема два месеца платено во Фондот за здравствено осигурување, има проблем во регистрирањето на нивните вработени. Тоа беше случај и со Министерството за труд и социјална политика. Тие грешки се припишуваат како технички, во евиденцијата. Но, факт е дека за одредени вработувања, каска обврската за навремено плаќање на средства за здравствено осигурување. Тоа го отвора и прашањето за „дупката“ во Фондот за пензиско и Фондот за здравствено осигурување, што од година в година се зголемува и се доведуваме во состојба – 50% од средствата за исплата на пензии да бидат дотација од Буџет на Република Македонија! Станува збор за огромна сума, поголема од 360 милиони евра, кои се префрлаат за да може да се сервисираат потребите за исплата на пензии!? Се соочивме со едно фрапантно сознание од министерот за финансии, во пресрет на задолжувањето, кое се судри со ветото од заменик-министерот, а кога призна дека доколку Македонија не се задолжи со евро-обврзницата, ќе се соочиме со неисплата на социјална помош, пензии и други расходи кои произлегуваат во делот на услуги за завршена работа! Поразителен е фактот дека министерот за финансии признава дека од задолжување зависи исплата на плати и пензии! Со тоа, меѓу редови, министерот признава оти има сериозен дефицит кој може да резултира со банкрот на овие фондови, што во догледно време, доколку не продолжи задолжувањето, ќе се најдат во крах и неможност да се исплатат парите за пензии и за социјална помош за граѓаните.
ЦИВИЛ Медиа: Манипулациите со корисниците на социјалната заштита и со социјално ранливите категории воопшто, според релевантните извештаи на национални и меѓународни агенции и организации, како и извештаите на ЦИВИЛ, се насочени кон добивање гласови на избори. Во пресрет на изборите во април 2016 година, како планирате да се соочите со овој проблем?
РЕМЕНСКИ: Ако ги земеме предвид одговорите на претходните прашања, кога зборував за правата и обврските меѓу директорите и министерот со менаџерските договори, не можеме да не ја нотираме и обврската на директорите, соодветно да се грижат за корисниците на социјална помош, соодветно да управуваат со информациите за корисниците на социјална и за нивната економска состојба, и нивна забрана за било каква злоупотреба за други цели. Како што кажавте, бројни извештаи нотираат одредени злоупотреби од одговорни лица, особено во делот на изборите, кога со списокот се оди од врата до врата, и се заканува со укинување на право на социјална помош, само ако не се испочитува волјата да се даде гласот за владејачката партија.
И во периодот што следува, примарен фокус е отстранување секаква злоупотреба во тој дел, односно, повикување на одговорност на секој кој ќе пристапи до злоупотреба на овие податоци. Секоја злоупотреба во овој период, особено пред избори, со цел изнудување на глас за избори, или со цел заплашување, ќе биде строго санкционирана. Овие обврски се веќе во Изборниот законик и за тоа се одговара кривично, со казна затвор. Во овој период наша грижа ќе биде и заштитата на корисниците на социјална помош од Министерството.
Нотирањето до сите корисници на кои ќе им се закануваат или ќе им биде оневозможено користење на правото од социјална заштита, само затоа што нема да удоволат на барањето на некој од службениците од центрите или од Министерството, ќе биде строго санкционирано.
Затоа, во таа насока, ги повикуваме сите корисници на социјална помош, да пријавуваат секаква закана или нелагодна позиција, во која ќе се најдат поради службено лице, за некоја друга услуга, а не за тоа што е потребно за остварување на правата. Она на што укажувавме долги години, сега го имаме под контрола. Тоа зависи од сфаќањата на законската обврска од директорите на центрите за социјална работа, но ќе бидеме бескомпромисни во делот на непочитување на законската.
ЦИВИЛ Медиа: Со директорот на Меѓународната организација на трудот за Централна и Источна Европа, Антонио Грациози ја претставивте Кампањата за мирно решавање на работните спорови. Кои се причините за спроведување на оваа кампања и кои ефекти очекувате да се постигнат?
РЕМЕНСКИ: Меѓународната организација на трудот има своја канцеларија во Министерството и во тек е спроведување на повеќе проекти, кои се однесуваат на унапредување на работничките права. Односно, советодавно укажување на обврските на Република Македонија да ги испочитува 66-те конвенции што имаат одредби кои ги регулираат правата од работен однос за вработените. Меѓутоа, и проекти кои се однесуваат на унапредување на трипартитниот договор, колективниот договор, односно, унапредување на механизмите преку кои работодавачите, работниците и оние кои имаат обврска да го контролираат договарањето, да обезбедат соодветни услови со кои ќе се испочитуваат законските обврски за почитување на договореното во колективните договори. Како и унапредување на тој социјален дијалог, со вклучување на сите засегнати страни во колективното договарање, не само на репрезентативните синдикални организации, туку и на сите останати што имаат што да додадат во делот на унапредување на работничките права. Како обврска од Законот за работните односи произлегува и медијаторното или посредничко решавање на споровите што преставува еден механизам кој беше промовиран на крајот на ноември, за да може да биде промовиран тој механизам како една од можностите што можат да бидат искористени и од работникот и од работодавачот, доколку настане некаков спор меѓу нив. Во рамките на Министерството постои комисија која е задолжена за лиценцирање на медијаторите што се веќе обучени од стручни лица. Шестнаесет медијатори моментално се лиценцирани во МТСП и со пријава од работникот или од работодавачот до МТСП, се покренува механизмот за искористување на медијаторите во решавање на споровите од работен однос. Во таа насока има и неколку укажувања кои се дел од акциониот план за унапредување на колективното договарање, препораки од Меѓународната организација за трудот што се однесуваат пред сé, во делот на сугестии за измени и дополнувања на Законот за работни односи.
ЦИВИЛ Медиа: Во контекст на работничките права, дали и колку имате услови да ја подобрите состојбата на работничките права во земјата? Како?
РЕМЕНСКИ: Последниве години свесни сме за континуирани измени во Законот за работни односи, меѓутоа и во другите поврзани закони што тангираат работни односи и се однесуваат на правата на вработените. Бројни се и забелешките во однос на можноста вработените, на пример, да го докажат случајот на мобинг или да ја докажат дискриминацијата во делот на работните односи. Во овие два сегмента, особено е изразена потребата на дополнително зајакнување на законските одреби, со тоа што на вработените ќе им се даде поголемо право во однос на можноста да пристапат кон докажување на мобингот, но од друга страна, и обврската на работодавачот да се воздржи од секаков вид притисок што ќе биде нотиран од работникот. Во делот на дискриминацијата, потребна е меѓуресорска соработка, имаме многу голем број на претставки и поплаки од и на Народниот правобранител, кој ни препраќа одредени претставки што се однесуваат на правата од работен однос. Сето тоа бара една координирана активност меѓу сите надзорни и контролни органи што имаат обврска да ја следат имплементацијата на одредбите на тие закони, да видат какво е исполнувањето на обврските на работодавачот за навремена исплата на платата, за минимална плата и за работното време и прекувремената работа. Сето тоа бара многу голем труд што ќе ги доведе работните обврски до ниво кое сите посакуваме да го видиме. Тоа е дел од програмата на СДСМ, што ќе биде имплементирана по победата во април во 2016 година.