Пратеничката Фросина Ременски смета дека наместо новинарот Томислав Кежаровски, на кој повторно ќе му се суди за случајот „Ликвидација“, на обвинителна клупа треба да седнат нарачателите на неговата „професионална ликвидација“.
Судењето за случајот „Ликвидација“ на 2 јули ќе почне од почеток, откако Врховниот суд неодамна ги укина пресудите на Кривичниот и Апелациониот суд.
„Повторувањето на судска постапка за случај во кој политичката жртва (Т. Кежаровски) повторно ќе ја докажува сопствената невиност во науката се дефинира како “состојба на секундарна виктимизација”.
Апсурдот е кога жртвата од судски процес, наместо да ги види во судски клупи нарачателите на неговата “професионална ликвидација”, да докажува дека преку новинарско перо сакал да обелодени како функционирала параинституционална шема.
И не само Кежаровски, туку и сите жртви од политички монтираните процеси го очекуваат тоа – да си ги видат џелатите кои примаа и извршуваа наредби од азилантот и неговите пулени.
Јас верувам дека во оваа “втора шанса за докажување на невиноста на Кежо” тој како и тогаш ќе биде и ќе излезе поголем од сите. Но, длабоко верувам дека, таа морална сатисфакции ќе биде нецелосна доколку не добие одговор на прашањето “кој/кои?”
Вистинска морална сатисфакција за Кежо е да има прва шанса за одговорност, а не втора шанса за жртвата да докажува дека не жртва, туку откривач на кривично дело од позиција на моќ.
Никој нема да може да му ги плати изгубените години далеку од блиските, зошто нема такви пари што можат да купат нешто што не се купува, напиша Ременски на фејсбук, во знак на поддршка на новинарот Кежаровски.