Ременски: Ќе си поднесам оставка ако поднесат и другите пратеници против кои има кривични постапки 

by fokus

Не чувствувам вина, рече пратеничката Фросина Ременски, која утринава се појави на распит во Кривичниот суд, како осомничена во проширената истрага за „Рекет“ на Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција.

Ременски побара од медиумите да не ја мешат првата фаза од истрагата, каде осомничени се три лица меѓу кои Бојан Јовановски и Катица Јанева, со втората фаза за која Обвинителството вчера соопшти дека се сомничат четири нови лица. Како што рече таа во изјава за медиумите, Обвинителството против неа нема други докази, освен тоа дека наводно го искористила својот авторитет да убеди бизнисмени дека извршната власт стои зад спорните проекти на „Меѓународниот сојуз“.

-Обвинителството немаше друг доказ пред судот во делот на аргументацијата, ќе очекувам Обвинителството да го докаже тоа што ми го става на товар – изјави таа.

На прашање за нејзината улога во „Меѓународниот сојуз“ таа рече:

-Немам намера да се повторувам, веќе дадов изјави за тоа. Но инволвираноста на политичари од страна на пристрасни медиуми, без да се побара од мене став или изјава, јас го чувствувам како лицитирање за некаква инвовлираност на политичар во процес. Ќе се воздржам од сите коментари кои се однесуваат на етиката на известувањето по однос на мојата улога. Одговорно тврдам, со исклучок на некои медиум, дека многу медиуми не ги почитуваа основните етички правила на известување, се прејудицирше вина, се ставаа на товар работи кои немаа допирна точка со ова што го гледаме денеска, затоа ќе биде несимпатично да се правдам за нешто што сте го прејудицирале – рече Ременски.

Во врска со најавата на премиерот Зоран Заев, дека секој осомничен функционер од СДСМ ќе биде отстранет од функциите додека не си ја докаже својата невиност, Ременски рече дека изјавата на Заев не ја протолкувата во негативна конотација.

Ременски е член на Извршниот одбор на СДСМ и рече дека ќе ја почитува секоја одлука на партијата, а дека ќе го почитува и етичкиот кодекс кој го потпишала во СДСМ.

-Како одговно лице и интелектуалц секогаш сум почитувала изјави кои ги потпишувам – додаде таа.

Во врска со нејзината функција како потпретседател на Собранието, пак, рече дека тоа не е партиска позиција.

-Од аспект на некаква одговорност, ако прејудицирате, времето и законот и уставот на сите вклучени во било каква постапка, ја гарнатираат презумпцијата на невиност. Можеби има добра шанса сите пратеници во Собранието, кои се во некакво својство пред органите на правосудството, доколку се договориме колективно да си поднесеме оставки, ама сите – рече Ременски додавајќи дека одлуката дали ќе си поднесе оставка нема да ја соопшти денеска.

Обвинителството за Ременски побара мерки на претпазливост, за што судот треба да одлучи во текот на денот.

М.В.

Поврзани новости