Пратеничката Фросина Ременски ја повика јавноста, но и своите колеги пратеници, од сите партии, да ја покажат хуманоста и да му помогнат на Тео Богоевски од Скопје, кој е лице со инвалидитет, да донираат средства, кои ќе бидат наменети за купување на електрична количка.
Пред десет години тој доживеал несреќа, при пад во вода во Охрид, и го скршил четвртиот вратен пршлен, по што останал неподвижен од вратот надоле. Тој користи електрична количка, која не е соодветна за степенот на инвалидитет кој го има, и за да може нормално да функционира и да се движи непречено надвор од својот дом потребна му е соодветна количка која изнесува 18.000 евра.
За таа цел, веќе се започнати хуманитарни акции. Една од нив е и забавата која што ќе се одржи во среда, на шести јуни, со почеток од 20 часот, во АТК Премиум Клуб.
-После неколку консултации што ги направив, заклучив дека хуманоста на луѓето повторно ќе биде најбрзото решение за неговата потреба. Бидејќи вчера ние пратениците земавме плата, ги повикувам сите мои колеги, од сите политички партии да одделат средства и да се јават на овој повик за поддршка. Ова барање до нив ќе го испратам и официјално во понеделник како Претседавач на интерпартиската парламентарна група за поддршка на лицата со попреченост, до сите мои колеги пратеници кои и до сега покажале дека знаат да помогнат, да бидат хумани и да ги слушнат потребите на граѓаните – информираше Ременски за време на викендот.
Тео е трогнат од гестот на Ременски. За ,,Фокус’’ раскажува дека му ја вратила вербата во човечноста со својот апел сите политичари, без оглед на која партија припаѓаат, да се обединат во хуманост. Исто така, со нашите читатели ја сподели и својата приказна и предизвиците со кои се соочува тој, но и сите лица во нашето општество на кои што количките им се единствената врска со надворешниот свет.
-Откако се здобив со вратна повреда во 2008 година јас, а и целото семејство бевме посветени на рехабилитација со цел опоравување до повторно проодување. Полни со надеж, вложувавме во рехабилитација во Словенија, разни физикални терапии тука во Македонија, помагала за вежбање, низ кои најголемиот напредок беше тоа што научивме како се живее со инвалидитет. Но таа лекција не чинеше доста време и пари. Долго време од повредата требаше да помине додека да сорзеам и да ја согледам реалноста. Додека се трудев да станам, потрошив многу скапоцено време и пари, за сеуште да сум во положба каде зависам од семејството и за чаша вода. И решив, пред се треба да бидам самостоен во оваа состојба во која сум, и дури тогаш можам да размислувам за подобрување на физичката состојба. За самостојноста имам гаранција дека доколку се вложам ќе ја остварам за разлика од инвалидитетот за кој никој не гарантира подобрување. Со пренасочен фокус од рехабилитација во осамостојувањето, почнавме да вложуваме во истото. Направивме рампа, набавивме прилагодено комбе, го прилагодивме бирото каде можам да учам и сум поактивен на факултет. Но првата пречка се појави при излегување, електричната количка која ја поседувам и која до сега можев само дома да ја користам е нефункционална низ скопските улици. Не можам да качам ниту 5 цм, а спуштањето од тротоар е преопасно за да можам сам. Брзината е пребавна ( за пример, на половина пешачки ми се пали црвено светло на семафор, што е многу опасно ) и поради тоа што е доправена, шипките до нозете веќе ми набиле до коска. Од тие причини почнав да барам друга количка, најсооветната за степенот на инвалидитет и инфраструктурните бариери и се испостави дека тоа е Quicky m2 Sedeo Ergo која чини 18.000 евра. Целиот овој процес на собирање средства е најтешкиот, а воедно и најубавиот период од мојот живот. Тежок, затоа што егото и достоинството го отежнуваат барањето, а најубав поради љубовта која доаѓа од сите страни и ви покажува дека не сте сами. Секоја една донација ми е драга при срце, како мајчинска прегратка, заштитничка. Низ целиот процес запознав преубави луѓе по срце и душа. Ирена Ристиќ е главниот виновник што сум на добар пат да ја реализирам крајната цел. Со својата несебична и пожртвувана енергија ми даде надеж дека ќе успееме. По кратка пауза организацијата околу хуманитарната забава силно почна да ја помага ,,Lions club’’ Дебар Маало. Не можам, а да не споменам и за еден гест кој ме остави без зборови со денови. Ги повикувам сите политичари да го следат примерот на Фросина Ременски, која за помош при собирање средства за мојата хуманитарна акција се постави над партијата. Ги повика сите политичари од власта и опозицијата без разлика на нивната партиска или етничка припадност да помогнат во собирање средства за мојата нова електрична количка. Со повеќе вакви политичари со реална желба и пожртвуваност, надпартиска поставеност кога во прашање се граѓанските интереси, унапредувањето на правата, општествените и социјалните услови на лицата со инвалидитет и на сите граѓани ќе се одвиваат многу побрзо. Како се прави тоа можат да следат низ примерот на Фросина Ременски каде секој еден граѓанин е важен и со цел да помогне, нема суета да побара поддршка и од другите политички неистомисленици – ни раскажа Тео.
Инаку, ова не е прв пат Ременски да ја покаже својата хуманост. Пред неколку месеци ја донираше својата плата на семејство од социјален ризик, и неретко е дел од хуманитарни акции, трудејќи се секогаш да ја подигне јавната свест кога се граѓаните на кои им е потребна помош во прашање.
Неговиот 26 -ти роденден е на 6 -ти јуни, среда, на денот на хуманитарната забава. Вели дека ќе го слави под паролата на 6 – ти кај Тео на фешти. Наместо подароци, донации. Воедно тоа ќе биде забава од хуманитарна природа, отворена за сите. Се надева дека со оваа голема забава на која ќе присуствуваат големи ѕвезди меѓу кои Сашко Коцев, Бени и Нон стоп, Џокси, Принц, Стефан Стојковски и ред други ќе има доволен одзив да се дособерат потребните средства.
Тој ги повикува сите на 6 – ти кај Тео на фешти од 20:00 часот во АТК Премиум клуб кај спортската сала Борис Трајковски. Со помош на донации од хуманите граѓани успеал да собере дел од средствата потребни за нова количка, му недостасувале уште 7.000 евра.
Сметките на кои може да донира јавноста се следните: Трансакциска сметка Теодор Богоевски 300001000024737 Комерцијална банка Девизна сметка Аcc n° 02-307-0498464.8 IBAN MK07300307049846434 SWIFT KOBSMK2X Rilski kongres 87. За донирање отворен е и телефонскиот број 070 143 106.
Вики Клинчарова