Релација Смолари-Словенија: Освен опожарено, годинава се извезувало и огревно дрво!

Компанија од Смолари, Ново Село, годинава извршила извоз на 28 кубни метри огревно дрво, не информираа од Царинската управа, без да го откријат називот на компанијата.

by Фокус

Министерството за земјоделство минатиот месец одобрило извоз на техничко дрво-црн бор десетина дена пред Владата да воведе забрана за извоз на огревно и необработено дрво и пелети поради енергетската криза, пишува последниот број на неделникот Фокус. Но, новите податоци што во меѓувреме ги добивме покажуваат дека во еден наврат годинава е извршен извоз и на огревно дрво во Словенија од страна на фирма од Смолари, Ново Село, чиј назив не се открива.

Откако Министерството за земјоделство првично не упати да бараме информации за извозот на трупци, огревно дрво и други видови дрва од Царинската управа, како сопственик на ЕХИМ-системот преку кој се издаваат одобренијата за извоз, од оваа институција побаравме податоци кои правни субјекти биле извозници на огревно дрво за време на тековната 2022 година и колкави количини биле извезени преку секој од нив.

Меѓутоа, Царината го одби нашето барање испратено согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, со објаснување дека по спроведениот тест за штетност утврдиле дека „бараната информација не претставува информација од јавен карактер, ниту, пак, со нејзиното необјавување би се загрозил јавниот интерес“.

Се утврди дека бараната информација е информација чие давање би значело повреда на заштита на даночната постапка. Согласно Законот за даночна постапка, службените лица се должни како даночна тајна да ги чуваат сите документи, информации, податоци или други факти за даночниот обврзник до кои дошле во даночна, прекршочна или судска постапка…“, стои во решението на Царината.

Притоа, од таму понудија дополнителна експликација дека, согласно Царинскиот закон, сите информации кои се по природа доверливи или се добиени врз доверлива основа, царинскиот орган е должен да ги чува како службена тајна.

Доверливите информации нема да се откриваат од страна на царинскиот орган без согласност на лицето или органот од кое истите се добиени. Доставувањето на доверливи информации е допуштено кога со важечките прописи, за заштита на податоците, царинскиот орган е должен или овластен да ги открие или да ги даде информациите во врска со конкретните правни постапки“, наведуваат од таму.

ДЕЛУМЕН ОДГОВОР ПО УВАЖУВАЊЕ НА ЖАЛБАТА

Сепак, ова решение го обжаливме до Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, која ја уважи жалбата и предметот го врати на повторно постапување. Притоа, Комисијата и предочи на Царината дека само таксативно навела законски одредби, но не објаснила какви се штетните последици врз интересот што се заштитува со недоставувањето на бараната информација.

Барателот бара назив на правни субјекти и количина, а не податоци кои се во функција или произлегуваат од поведена даночна постапка“, констатира Комисијата во решението со кое бара Царинската управа да постапи според нејзините напатствија, додавајќи дека Законот не препознава категорија „службена тајна“.

Во текот на денешниот ден, добивме известување од Царинската управа дека се одобрува нашето барање, бидејќи овојпат се утврдило дека „давањето на бараната информација не претставува повреда на обврската за чување на службена тајна и дека објавувањето на информацијата нема да предизвика повреда на заштитениот интерес“. Сепак, од таму само делумно одговорија на нашето барање!

Имено, во новото решение што го добивме се наведува дека во 2022 година извршен е еден извоз на огревно дрво во количина од 28 кубни метри, односно 22.700 килограми, од страна на фирма-извозник од селото Смолари, во рамки на Општина Ново Село.  Арно ама, не се открива називот на компанијата, иако претходно Комисијата посочи дека тоа не спаѓа под „податоци кои се во функција или произлегуваат од поведена даночна постапка“.

Инаку, неделникот Фокус во последниот број објави дека компанијата „Golden Bag Recycling“ од Брвеница минатиот месец јули добила одобрение за извоз на дрво од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство десетина дена пред да се воведе владината забрана за извоз. Станува збор за црн бор, каков што истата компанија купила од Јавното претпријатие Македонски шуми, на еден од јавните повици за продажба на опожарената дрвна маса од ланските шумски пожари.

Тоа се случува во време на глобална енергетска криза, непосредно пред Владата да донесе забрана за извоз, која патем речено, е донесена подоцна од многу држави во регионот (Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина), што земјава ја оневозможи да ги задоволува потребите за пелети преку увоз, додека, како што произлегува од објавеното, истовремено сме извезувале домашни ресурси.

Целата сторија прочитајте ја во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Влатко Стојановски

Поврзани новости