Пишува проф. д-р Никола Јанкуловски, ректор на УКИМ
„Првата цел на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ е Знаењето, а основните вредности се Вистината, Доброто и Убавината. На Универзитетот секој e одговорен за своето однесување и дејствување. На Универзитетот сите се колеги, работат заедно на науката и образованието и следат исти етички, човечки и работни вредности.“ Во горниот цитат се наведени првите три норми од Етичкиот кодекс на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје кои се задолжителни за сите негови наставници и студенти кои се обврзуваат со својата чест да ги чуваат и извршуваат.
Во името на првата основна вредност на Етичкиот кодекс на УКИМ – Вистината, го пишувам ова отворено писмо до д-р Петар Атанасов, редовен професор на УКИМ по повод неговиот текст објавен на неговиот блог на 8. Февруари, а потоа со негова дозвола, пренесен во целост на еден портал.
Со сите невистини содржани во текстот, проф. Атанасов ги прекршува нормите на Етичкиот кодекс и се обидува да го сруши мојот углед како човек, универзитетски професор, и актуелен ректор на најстариот државен универзитет во нашата држава – Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Почитуван колега Атанасов, Во име на Вистината, ќе се задржам на следниве Вистини како одговор на Невистините изнесени во блогот :
1. Со посебно задоволство Ве информирам дека на 7 февруари (петок), а не на 8- ми како што погрешно ја информирате читателската јавност на Вашиот блог, се одржа Конститутивната седница на Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Моја должност и законска обврска како ректор беше да ја свикам конститутивната седница на Универзитетското студентско собрание, должност и обврска кои ги извршив со голема радост, задоволство и чест. Секогаш се радувам на сите средби со студентите на УКИМ кои се негов централен субјект и наша гордост. Преку ова тело, нашите студенти ќе имаат можност да ги остварат своите заеднички интереси како партнери во високото образование и членови на академската заедница на УКИМ. За мене ова беше свечен и радосен момент од кој сакав да имам спомени и за таа цел со посебно задоволство се фотографирав со нашите млади колеги, членови на Универзитетското студентско собрание. Непријатно сум изненаден дека чинот на фотографирање го искористивте за да започнете недолична агресивна кампања против мене, изнесувајќи ноторни невистини и шпекулации. Веднаш по отворањето на седницата, истата ја напуштив за да можат нашите студенти самостојно да работат.
Притоа, ја користам оваа прилика да Ве известам и Вас и Вашата читателска јавност дека на оваа седница не бил извршен избор на Претседател на Собранието. Во фер и демократска атмосфера, нашите студенти донеле одлука изборот на претседател да го извршат понатаму. Во оваа прилика не можам а да не ја информирам целата јавност дека целиот процес на студентско организирање на УКИМ доцни поради одолжувањето на усвојувањето на Статутот на УКИМ. Впрочем Вие колега бевте еден од главните кочничари на целата процедура со што го оставивте УКИМ подолг период во правен вакуум.
Причините за Вашиот негаторски однос кон УКИМ Ви се само Вам познати. Непријатно бев изненаден дека овој свечен чин го искористивте со една и единствен цел: недолично и малициозно обвинување, во вид на потсетување, за немилите настани кои се случија на студентските избори на УКИМ на 30 јуни 2016 година. На Вашето прашање каде бев тогаш, мојот одговор е следен: бев таму каде што требаше да бидам и каде што институционално припаѓав, во редовите на Ректорската управа на УКИМ. Во тој момент бев декан на Медицинскиот факултет, член на Ректорската управа и новоизбран ректор на УКИМ кој стапи на должност подоцна, есента 2016 г.
Длабоко загрижени од немилите случувања, членовите на тогашната Ректорска управа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на 4.7.2016 година одржаа вонредна седница и го разгледаа прашањето за ситуацијата по спроведените избори за претседател на Студентскиот парламент на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Датумот 30 јуни 2016 ќе остане забележан како темна дамка во македонското општество, а не само во нашата универзитетска заедница.
Тогашната Ректорска управа на УКИМ ги оцени изборите за претседател на СПУКМ како скандалозни бидејќи ескалираа со физички пресметки и вмешување на припадници на Министерството за внатрешни работи, кои не беа повикани од одговорните лица на Универзитетот. Ректорската управа на УКИМ, тргнувајќи од основното начело на владеење на правото, најостро ги осуди сите форми на насилство и особено се спротивстави на секаков вид притисок (психички или физички) врз своите студенти преземен од страна на кои било државни органи, организации, поединци или невладини организации и др.
Ректорската управа во тогашниот состав, исто така, апелираше да се престане со секој вид на партизација и политичко манипулирање со студентите од страна на политичките партии и поединци кои сакаат своите лични или партиски цели да ги реализираат преку нашите студенти. Јас ја извршив мојата работна обврска, а Вас Ве замолувам да не се обидувате да ги вовлекувате студентите во какви било игри и манипулации. Одговорот каде се тие деца од 2016 година Вам Ви е добро познат и не е ни целосно ни искрено напишан во Вашиот напис.
Повторно изнесувате невистини и манипулирате. За мене, како човек, како ректор, горко е сознанието дека секојдневно се зголемува бројот на младите кои ја напуштаат земјата и бараат подобри услови за живот.
Почитуван проф. Атанасов, би сакал да ја искористам оваа прилика и јас да Ви ги поставам следниве прашања: „Што вие како поранешен претседател на собраниската комисија за образование и доскорешен заменик-министер за образование направивте да го спречите иселувањето на младите? Што постигнавте? Со давањето оставка дали ги решивте сите проблеми, и вашите лични и проблемите на целата општествена заедница?“
2. За вашето второ обвинение за сомнително трошење на парите на Студентскиот парламент на УКИМ, чувствувам должност повторно да ја известам универзитетската и пошироката јавност дека Универзитетскиот сенат на 26. седница одржана на 27.11.2018 година донесе Одлука за префрлување на дел од доделените средства наменети за плаќање на режиските трошоци за струја, вода и комуналии за објектот во кој е сместена студентската организација, како и за плати на вработеното лице кое ги извршува административните и финансиско-сметководствени работи. Износот на средствата кои се префрлаат е соодветен на побарувањата по пристигнатите фактури и обврските за плата на вработеното лице. Средствата според Програмата се префрлаат само за покривање на режиските трошоци и трошоците за плата за вработената, до моментот на започнување со функционирање на Универзитетско студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Лицето Верица Тодоровска од 01.02.1980 година е вработена во студентската организација на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Независно дали таа организација се нарекувала Сојуз на студенти, Студентски парламент и сегашниот назив Универзитетско студентско собрание, таа веќе 40 години ги извршува административните и финансиско-сметководствени работи и била поддршка на 24 претседатели на студентската организација. Оваа одлука влезе во сила со денот на донесувањето и беше објавена во Универзитетскиот гласник. Напоменувам дека просториите во кои работат се во сопственост на УКИМ. Мислам дека за ова прашање е излишно секое натамошно дообјаснување или образложение.
3. Да, Вистина е дека на 7 февруари (а не на 8-ми како што наведувате) бев гостин во емисија на телевизијата „Алфа“. Не ми е јасно зошто интервјуто или мојата најава за повторна кандидатура за ректор на УКИМ предизвика толкава нервоза кај Вас, па свесно (или несвесно) со Вашата непромислена реченица навистина претеравте, и веројатно сакајќи да бидете духовит се загубивте и навредивте премногу и лица и професии: · Ме навредивте и мене и новинарката и телевизиската куќа дека интервјуто било нарачано; · Образложувајќи го вашето мислење за „нарачаното интервју“ ја навредивте и медицинската професија која е една од најплеменитите професии во светот. Ние, докторите по медицина сме чувари на здравјето и животот на луѓето, не сме трговци на органи (жолчки и сл.) како што вие алудирате. Секојдневно спасуваме човечки животи, се бориме со тешки болести и ѝ пркосиме на смртта. Во лекарската професија не се дозволени ни грешки ни импровизации. Човечкиот живот и здравје не се ни блог ни хартија да трпат сè! Обидувајќи се да ме навредите мене, ги навредивте сите медицински лица и не само нив, туку и нашите пациенти. Моево отворено писмо до Вас, колега Атанасов, би сакал да го завршам повторно со цитат од Етичкиот кодекс: Меѓу универзитетските дејци и студентите владеат доверба и чесни односи на интелектуалци. Тие меѓусебно си ги почитуваат личноста, трудот, погледите и работните резултати, а работата и остварувањата ги вреднуваат објективно. Не газете по туѓото достоинство, затоа што така газите и по личното достоинство и почитувајте ги граѓанските и академските етички вредности. Универзитетот е место за плурализам на интелектуални ставови во интерес на Знаењето, Вистината, Убавината и Доброто.