Ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски е длабоко потресен од трагедијата кај Ласкарци, каде во автобуска несреќа загинаа 14 лица.
Тој исто така изрази сочуство кон семејствата на загинатите и излезе со свој став околу објавата на професорката Билјана Ванковска на социјалните мрежи.
„Длабоко сум потресен од трагичната сообраќајна несреќа во која настрадаа наши граѓани. УКИМ изразува најдлабоко сочувство кон семејствата на загинатите. Особено болно за академската заедница на УКИМ е загубата на четири студенти од овој Универзитет и тоа:
1. Павле Костоски од Правниот факултет „Јустинијан Први“ кој магистрираше пред неполни три месеци.
2. Онур Садику од Медицинскиот факултет
3. Бејза Узеири од Архитектонскиот факултет
4. Јовица Трпевски од Електротехничкиот факултет
Во текот на вчерашниот ден во медиумите, пред се на социјалните мрежи беше повикуван и споменуван Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а во врска со изјавата на проф. д-р Билјана Ванковска.
Не навлегувајќи во правните квалификации на изјавата на професорката, за што се надлежни други институции, од етички причини чувствувам должност да се оградам од изјавата на проф. д-р Билјана Ванковска. Како човек остро осудувам секакви изјави кои алудираат на нетрпеливост и нетолеранција и создаваат чувство на омраза.
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ секогаш ја подржувал слободата и правото на секој професор и студент слободно да мисли и да го изразува своето мислење. Од драгоцено значење се спротивставените ставови, дебати и критики, но тие треба да се во рамките на хуманизмот, почитување на човековите права и пред се на научната етика“, рече Јанкуловски.