Во изминатите седум дена во Франција дневната контаминација со коронавирус достигна рекордни бројки од над 300.000 позитивни лица, објави Јавното здравство, но вчера оваа бројка се зголеми на 464.769. Со тоа просекот за неделата достигна 309.433 дневни случаи, наспроти 281.965 претходниот вторник, јави дописникот на МИА.
Службите за интензивна нега, кои примаат најсериозни случаи, во вторникот во Франција имаа 3.894 пациенти со Ковид-19 (вклучувајќи 366 нови приеми), наспроти 3.913 претходниот ден и 3.969 претходниот вторник. Вкупниот број на хоспитализирани пациенти достигна 26.593, од кои за 24 часа се примени 3.503. Претходниот вторник беа хоспитализирани 23.371 лице.
Париската полиција ги забрани демонстрациите на неколку синдикати на наставници, закажани за утре, на кои требаше да се бараат „силни одговори“ наспроти хаосот предизвикан од здравствената криза, бидејќи барањето за нивно одржување било направено „ненавремено“.
Синдикатите на наставниците и родителските организации на учениците и средношколците повикаа на „продолжување на мобилизацијата“ по многу големите демонстрации и штрајк од минатиот четврток, со вклучување „во нов ден на акција четврток, вклучително и со штрајк“.
Уставниот совет на Франција, повикан да даде свое мислење од опозициските пратеници и сенатори, ќе донесе одлука во петок на 21 јануари за предлог-законот со кој здравствената пропусница станува пропусница за вакцинација.
До Уставниот совет се упатени две барања, првото се спротивставува на пропусницата за вакцинација, второто, пак, смета дека мора да се донесат „одреден број заштитни мерки“ за да се „надгледува скрупулозно“ оваа законска мерка.
-Ја чекаме одлуката на Уставниот совет. Во тој процес, здравствената пропусница ќе може да стапи на сила, веројатно до крајот на неделата, посочи портпаролот на француската влада Габриел Атал.