Соединетите Американски Држави пријавија рекорден број на новозаразени со корона вирус од почетокот на пандемијата, во услови на значително ширење на сојот омикрон.
Американските власти соопштија дека во понеделникот во САД биле пријавени повеќе од 440.000 нови случаи на Ковид.
Според Центрите за контрола и превенција на болести на САД (ЦДЦ), бројот на новозаразени на 27 декември изнесувал 441.278, што е досега најголем број пријавени дневни случаи.
Портпаролката на ЦДЦ изјави за порталот Политико дека преголемиот број на заразени може да биде резултат на доцнење на тестирањето и затворање на центрите за тестирање за време на празниците, додавајќи дека бројот на случаи ќе биде постабилен по Нова година.
Светската здравствена организација (СЗО) предупреди дека ризикот од омикрон е сè уште многу висок.
Студиите сугерираат дека омикрон е поблаг од претходно доминантниот сој делта, но сè уште постојат стравувања дека голем број од заразените со новиот сој би можеле да ги преплават болниците.