Регулаторна ѝ ја одзеде лиценцата на БЕГ, се бара нов добавувач

by fokus

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) донесе одлука за одземање на лиценцата за вршење  енергетска дејност производство на топлинска енергија на компанијата Балкан енерџи ДООЕЛ – БЕГ.

Денешната одлука, како што информира претседателот на РКЕ Марко Бислимоски, следува по претходно одржана подготвителна седница во врска со барањето на БЕГ за престанок на лиценцата за вршење на енергетската дејност регулирано производство на топлинска енергија. БЕГ, нагласи, во петокот поднесе и барање за престанок и на лиценците за дистрибуција и снабдување со топлинска енергија, по што РКЕ ќе донесе соодветни одлуки.

-За денешната одлука согласно Законот за енергетика ја известивме Владата која сега треба да спроведе постапка за избор на вршител на енергетска јавна дејност производство на топлинска енергија. Откако ќе биде извршен изборот, РКЕ ќе издаде соодветна лиценца. Се до завршувањето на процедурата БЕГ законски е обврзана да ја врши јавната дејност – производство на топлина, по што обврската ќе ја преземе компанијата што ќе биде избрана во постапката спроведена од Владата, рече Бислимоски на денешната прес-конференција.

Појасни дека БЕГ како клучни причини во барањето за престанок на важноста на лиценцата ги навела кредитна неспособност, нарушена ликвидност, правна несигурност во работењето поради многубројни судски постапки иницирани против компанијата, оспорување на законитоста на лиценцата за регулирано производство на топлинска енергија од правни лица и институции, како и оспорување на валидноста на договорот за закуп на основни средства.

-Очекувам навреме да заврши процедурата и да се избере нов вршител на дејноста и доколку има гас да нема никакви проблеми во снабдувањето на скопјани со топлинска енергија, рече Бислимоски и додаде дека снабдувањето со гас зависи од глобалните политики.

Земјава, според него освен руски има можност да набави и друг гас преку интерконекторот со Бугарија, бидејќи Бугарија е поврзана со Грција, а, како што кажа, вршителот на енергетска дејност за производство на топлина има и обврска да има алтернативно гориво за 15 дневно непречено снабдување со топлинска енергија, во случајов мазут. Препорача да се размисли мазутот да биде заменет со дизел, бидејќи помалку загадува и додаде дека за тоа ќе бидат потребни само мали адаптации на топланите. Во случај Русија да ја прекине испораката на гас за земјава и да не се најде алтернативен начин, како што рече, трансформаторите во некои скопски општини не се димензионирани да издржат поголемо оптоварување доколку граѓаните се префрлат на греење со електрична енергија.

Поврзани новости