Галетановски се врати во ЗОО Скопје, но само како посетител: Се зачудив од она кое го затекнав!

by fokus 12:28
12:28

Ѓорги Галетановски, со години наназад е познат во Скопје како успешен менаџер и неизоставен лик од ноќниот живот во градот, а пак пошироко, во целата земја за неговото име се слушна многу кратко откако стапи на функцијата директор на Зоолошката градина Скопје.

Човекот кој веднаш со доаѓањето во зоолошката започна со нови проекти и видливи промени, и со чија посветеност на работата ЗОО Скопје се најде во голем број на познати светски медиуми, како пример за одлично менаџирање и интересни содржини за посетителите, од минатиот декември не е повеќе директор, бидејќи самиот си поднесе оставка.

Како што раскажува за ,,Фокус”, иако му останувале уште околу три години на функција, се решил да си замине од зоолошката по доаѓањето на новата градоначалничка на чело на Град Скопје, Данела Арсовска, бидејќи веднаш ја почувствувал неизвесноста која се надвиснала над ЗОО Скопје.

Откако Арсовска стана градоначалника, се обидов да остварам средба со неа, во врска со актуелни теми од зоолошката, бидејќи е потребна соработка во интерес на сите. Барав прием кај неа неколку пати, но таа не ме прими. Јасно ми беше дека доаѓаат неизвесни времиња за зоолошката и затоа сам си поднесов оставка – појаснува тој.

Вели дека деновиве, по околу шест – седум месеци, повторно дошол во зоолошката. Сакал да ги види животните и поранешните колеги, но и да види дали се продолжило со проектите, и како денес функционира ЗОО Скопје.
Останал затекнат, бидејќи ги немало вообичаените колони од посетители, но и не забележал никакви новитети.

Ја оставивме “европска” сега никој не ја спомнува. После 6, 7 месеци влегов во скопската зоолошка да видам што направиле новите раководни структури и да ги видам животните и моите поранешни колеги, но се зачудив од она што го затекнав.

Ги нема редиците од посетители за викенд ја нема ведрината на влезот. Па Зоолошка беше место преполно со наши и странски посетители исполнето со детски џагор. Нови животни нема, нови живеалишта нема, нема паркови за деца и родендени. Евентите и претставите за деца ги нема, спонзорите заминале. Ме врати во времето кога шетав пред да ја преземеме и реновираме. Штета, а не требаше многу, само да продолжат каде што застанавме- раскажува Галетановски.

Додава дека нема ништо од најавените проекти ЗОО аквариум, авантура парк и 5Д кино, ниту пак било какви новитети, туку се останало исто како во времето кога тој си заминал од таму. Потсетува дека само неколку месеци откако тој стана директор на зоолошката, кога ги донесе слоновите, се срушил рекорд и имале над 13.000 посетители во еден викенд. Потоа, константно се ределе нови рекорди на посетеност.

Зошто ги укинале тие проекти Господ знае, па тие беа планирани за децата да добијат нови едукативни и интерактивни доживувања. И во Дино паркот жално.

Атракцијата која во време на ковид криза рушеше рекорди на посетеност немаше ниеден посетител – вели поранешниот директор.

Додека беше на функција, тој донесе повеќе нови видови на животни, фламингата, слоновите, пингвините, белите волци беа само дел од атракцијата. Новите и средени живеалишта, грижата за животните и интересните изненадувања, како на пример ледените лижавчиња од замрзнато овошје и зеленчук, дури и се најдоа во многу светски медиуми, а зоолошката беше посочувана како пример на добро менаџирање во регионот и пошироко.

Фотографии од животните, како и од редиците пред влезот, се најдоа во повеќе регионални медиуми, со насловите – Скопје ЗОО руши рекорди!

 

Галетановски не крие дека е разочаран што не се продолжило со исто темпо на работа и по неговото заминување, и потсетува на многубројните хуманитарни акции кои се организираа во зоолошката, на посетите и промоцијата од голем број на јавни личности, популарни музичари, модели, актери…

Она на кое сум посебно горд, освен очигледниот напредок и реновирањето во зоолошката, како и рекордната посетеност, секако е и тоа што успеав да ја тргнам политиката комплетно надвор од ЗОО Скопје. Сите вработени беа третирани како што треба, никогаш не беше важно кој од која партија доаѓа, туку колку е компетентен на своето работно место. Таму сите бевме со една и единствена цел, зоолошката да напредува, животните да имаат достоинствен живот, кога ќе дојдат децата во посета, да имаат што да видат, да има радост, едукација. Посветеното менаџирање донесе резултати на кои сведочеше целата јавност. Сега, жал ми е што ЗОО Скопје повеќе не е застапено во медиумите како порано, што една институција која нагло тргна напред, повторно стои во место – вели Галетановски.

Откако си поднесе оставка, тој бил невработен. Не крие дека е горд на позитивните промени кои ги донесе во зоолошката и ја стави на мапата на регионални атракции, но и дека се надева како сепак, нема да се дозволи ЗОО Скопје повторно да падне во заборав и да се врати наназад кога е напредокот во прашање.

Си заминав со помислата дека не треба да се чудиме штом од рекордно најпосетена и најобјавувана институција во нашите и странските медиуми, останало само институција. Да се надеваме дека повторно ќе блесне – изјави тој за ,,Фокус”.

Вики Клинчарова

Поврзани новости