Последниве неколку месеци, реформаторскиот бран кој некако незабележано го поплави основното и средното образование, го зафати и високото образование. Имено, поддржани со едно непримерно медиумско бомбардирање на јавноста, реформаторите се обидуваат зафатите кои изминативе години ги направија во основното и средното образование да ги претстават како реформа над реформите, што значи дека потсистемите основно и средно образование се до таа мера уредени, па сега дојде време, онака својски да се зафатат со високото образование, а попатно да го реформираат и наставниот кадар.
Меѓутоа, за состојбите во основното и средното образование постои и сосема спротивно мислење, т.е. дека со воведувањето на низа процедури, нови изборни предмети, екстерното тестирање итн. овие два потсистеми се доведени пред распад. Носењето став за едната или другата констатација само по себе значи дека треба да се направи сеопфатна анализа на основното и средното образование, за што е потребно многу време, ресурси и се разбира големо знаење. Со оглед на тоа дека вакви анализи не се направени, туку едноставно нешто се менува според онаа народната: „Се мажила мома да не седи дома“, ќе се обидеме накратко да ја доловиме сликата за состојбите во основното и средното образование, преку анализа на мрежата на основните и средните училишта, бројот на учениците, паралелките и наставниците, како и уписната политика во средното образование во 2014 година, која пред се треба да биде во функција на севкупниот развој на општеството, а со самото тоа и да ги следи потребите на пазарот на трудот. Притоа ќе се задржиме и на излезот од средното образование, т.е. по групи на струки ќе го разгледаме бројот на учениците кои завршиле средно образование.
НЕЛОГИЧНИ БРОЈКИ
Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС), дадени во табела 1, во периодот од 1998-2013 година бројот на училиштата во потсистемот основно образование (ПОО) се намалил од 1041 на 990 училишта. Во овој период бројот на учениците се намалил од 255150 во учебната 1998/99 година на 223879 ученици во учебната 2004/05 година, за да овој број во 2005/06 година се зголеми на 236186 ученици. Меѓутоа, веќе во следниот период, како последица од негативните демографски движења, имаме постојано намалување на бројот на учениците и истиот во 2012/13 година изнесува само 194055 ученици. Како што може да се види, просечниот број на ученици по паралелка се намалил од 24,7 во 1998/99 година на само 18,2 ученици во 2012/13 година, т.е. 6,5 ученици по паралелка. Што ова значи, не треба посебно да се говори, но овде само ќе споменеме дека имаме сериозно отстапување од позитивните законски прописи. Имено, според Законот за основно образование бројот на учениците во паралелка треба да е од 24 до 34, при што паралелка може да се формира и со помалку ученици по добиена согласност од основачот, што значи дека просечниот број на ученици по паралелка е помал за неверојатни 27,1% од законски минимално дозволениот број на ученици. Евентуалните оправдувања дека ова се должи на паралелките во руралните средини не држат, бидејќи отстапувањето од 27,1% е преголемо, па може да се заклучи дека ваквата состојба е резултат или на погрешна политика или на неспособност на кадрите кои надоаѓаат со реформаторскиот бран, бидејќи повеќето од нив ниту еден ден не работеле во образование, а некои дури и никаде не работеле пред да станат директори на државни институции, државни секретари, заменици министри и министри.
Се разбира, бројот на паралелките непосредно влијае и на бројот на вработените наставници, меѓутоа и овде податоците во најмала рака се чудни, односно крајно нелогични. Имено, во разгледуваниот период, освен воведувањето на деветтолетката во 2007/08 година, кога едноставно тогашното прво одделение се помести како второ, втор како трето итн. скоро и да немаме некои драстични промени на програмите, па така и бројот на часовите е речиси константен. Меѓутоа, до учебната 2004/05 година имаме релативно константен број вработени наставници во основното образование, за да во следниот период истиот почнува рапидно да расте и во учебната 2012/13 година достигне неверојатна бројка од вкупно 17424 наставници вработени во основното образование. Што ова значи, не треба посебно да се анализира, меѓутоа доволно е само да споменеме дека пред воведувањето на деветтолетката овој број изнесувал 15106 наставници и истите реализирале настава на 228207 ученици поделени во 10713 паралелки, а во 2012/13 година споменатите 17424 наставници рализирале настава на 194055 ученици поделени во 10657 паралелки. Последното укажува на тоа дека во случајов отсуствува образовна политика и дека истата е заменета со политиканство, бидејќи нема никакво оправдување бројот на ученици да се намали за 15%, бројот на паралелките да се намали за 1%, а истовремено бројот на наставниците да се зголеми за 15%. Сепак, постои и друг можен одговор за настанатата состојба, а тоа е дека образовниот систем е полигон за вработувања, нешто за што постојано се говори и се чини се реализира со акции за вработување, својствени за седумдесетите и осумдесеттите години на минатиот век, кога тогашните власти се обидуваат административно да ја намалат невработеноста.
Табела 1. Училишта, паралелки, ученици и наставници во основното образование |
||||
Година |
Училишта |
Паралелки |
Ученици |
Наставници |
1998/99 |
1041 |
10325 |
255150 |
13604 |
1999/00 |
1036 |
10323 |
252212 |
13782 |
2000/01 |
1010 |
10031 |
246490 |
13329 |
2001/02 |
1010 |
10094 |
242707 |
13508 |
2002/03 |
1020 |
10062 |
235516 |
13676 |
2003/04 |
1012 |
9974 |
229584 |
13791 |
2004/05 |
1010 |
9920 |
223879 |
13970 |
2005/06 |
1006 |
10823 |
236186 |
14917 |
2006/07 |
1000 |
10775 |
228207 |
15106 |
2007/08 |
997 |
10713 |
220833 |
15691 |
2008/09 |
991 |
10713 |
215078 |
16205 |
2009/10 |
990 |
10622 |
208980 |
16403 |
2010/11 |
990 |
10567 |
201914 |
16946 |
2011/12 |
986 |
10685 |
197859 |
17233 |
2012/13 |
990 |
10657 |
194055 |
17424 |
Извор. Статистички годишник на Р. Македонија |
Од податоците дадени во табела 2 може да се види дека бројот на средните училишта постојано се зголемува, при што последните две години од разгледуваниот период истиот е стабилизиран на 113 средни училишта. Притоа, бројот на учениците во средното образование почнувајќи од учебната 1998/99 година, па се до учебната 2006/07 година е во постојан пораст и со незначителни осцилации се зголемил од 87420 на 93763 ученици, за да следните четири години остане релативно константен, а потоа истиот да бележи постојано намалување и во учебната 2012/13 година е само 88582 ученици. Оттука, слободно може да се каже дека наводната реформа за задолжително средно образование во извесен временски период била беспредметна, а последниве неколку години таа е целосно неуспешна, па затоа скапите владини реклами за реформаторските успеси се или самофалење или пак се во функција на контрола на јавното мнение.
Доказ за оваа констатација е фактот дека при целосен опфат во средното образование на завршените ученици од основното образование во учебната 2010/11 година требало да има приближно 105000, во 2011/12 приближно 100000 и во 2012/13 приближно 98000 средношколци, бројки кои ни оддалеку не се постигнати. Но, да се вратиме на бројот на учениците по години спореден со бројот на паралелките. Имено, во 1998/99 година имаме 87420 ученици, распоредени во 2811 паралелки, што значи 31 учеици по паралелка. Овој број во следниот период бележи постојано намалување, кое намалување е забележително последниве две години, па така во 2012/13 година истиот изнесува 25,6 ученици по паралелка и е во предвидените законски рамки, бидејќи согласно Законот за средно образование, бројот на учениците во паралелките во јавните училишта не може да биде помал од 25 и поголем од 34 ученици. Јасно, ваквиот тренд изминативе години е позитивен, бидејќи не треба да се нагласува посебно дека намалувањето на бројот на учениците по паралелка, и тоа во рамките на законски дозволените граници, придонесува за зголемување на квалитетот на наставата.
Меѓутоа, ваквите движења не ги следи бројот на наставниците во средното образование. Имено, во 2012/13 година, споредено со 2006/07 година бројот на паралелките во средното образование се зголемил за 7,7%, а додека бројот на наставниците се зголемил за 18,5%, т.е. повеќе од двојно. Е овој феномен некој треба сериозно да го објасни, особено ако се има предвид дека реформаторите за реализирање на овие вработувања не трошат свои пари, туку се расфрлаат со парите кои по различни основи ги замаат токму од нас граѓаните.
Табела 2. Училишта, паралелки, ученици и наставници во средното образование |
||||
Година |
Училишта |
Паралелки |
Ученици |
Наставници |
1998/99 |
95 |
2811 |
87420 |
5372 |
1999/00 |
96 |
2902 |
89775 |
5557 |
2000/01 |
95 |
2951 |
90990 |
5467 |
2001/02 |
95 |
2989 |
92068 |
5550 |
2002/03 |
96 |
3032 |
93526 |
5749 |
2003/04 |
96 |
3082 |
93791 |
5863 |
2004/05 |
100 |
3134 |
94053 |
5946 |
2005/06 |
101 |
3184 |
93908 |
6136 |
2006/07 |
104 |
3219 |
93763 |
6280 |
2007/08 |
107 |
3237 |
92753 |
6438 |
2008/09 |
110 |
3295 |
93164 |
6832 |
2009/10 |
110 |
3398 |
94284 |
7008 |
2010/11 |
114 |
3441 |
92848 |
7197 |
2011/12 |
113 |
3465 |
91167 |
7298 |
2012/13 |
113 |
3467 |
88582 |
7442 |
Извор. Статистички годишник на Р. Македонија |
Човек да помисли дека барем во нешто толку самофалените реформи, кои освен од владеачката клика скоро од никого да немаат преодна оценка, барем во некој сегмент се добри. Но, да не заборавиме, ако во основното образование имаме хомоген излез, излезниот резултат од средното образование е хетероген и истиот е непосреден резултат од мрежата на средни училишта и уписната политика, т.е. од знаењето на образовните власти како истата да ја менаџираат, се со цел продуцираните кадри да се адекватни на потребите на пазарот на трудот. Оттука, за да добиеме релевантна слика за случувањата, т.е. за резултатите од толку самофалените реформи ќе се осврнеме на податоците на завршените средношколци во разгледуваниот период.
Од податоците во табела 3 може да се види дека, излезот од средното образование во најмала рака не соодветствува на потребите на пазарот на трудот, нешто што е неопходно за нормален развој на секое општество. Имено, ако бројот на завршените гимназијалци од 2006/07 до 2012/13 е релатино константен, тоа не се однесува и на бројот учениците кои завршиле здравствена струка и кој број од година во година рапидно се зголемува, па така во 2012/13 година оваа струка ја завршиле 2905 средношколци или 11,4% од вкупниот број завршени средношколци. Што ова значи не треба посебно да се годовори, но само ќе споменеме дека во периодот од 2004 до 2013 година бројот на вработените во секторот здравство и социјална заштита е околу 33000 лица или 7% од вкупниот број вработени, при што значителен процент отпаѓа на социјалната заштита. Затоа, ако се земе предвид дека и во здравството не повеќе од 3/4 од вработените се со здравствена струка, останува нејасно на кого му се потребни 18041 средношколци кои само последниве седум години ја завршиле оваа струка.
ЕВТИНИ ИЗЈАВИ И РЕКЛАМИ
Останатите податоци од табела 3 нема посебно да ги коментираме, но само ќе забележиме дека во 2012/13 година вкупниот број на учениците кои завршуваат електротехничка, машинска, земјоделска, ветеринарна, шумарска, текстилно, кожарска, сообраќајна, автотехничка, хемиско-технолошка, прехранбена, рударска, графичка и дрвопреработувачка струка е 7321 и тоа во споредба со 2006/07 година е намалување за околу 1500 ученици, што значи дека намалувањето е 16,9% во рамките на оваа група на струки. Поинаку кажано, ако во 2006/07 година овие струки ги завршувале 34,62% од вкупниот број завршени средношколци, во 2012/13 година овој процент изнесува 28,65%. Што ова значи не треба посебно да се говори, меѓутоа зачудуваат изјавите кои можат да се слушнат од реформаторите дека промените во образовниот систем се во насока подобрување на структурата на понудата на пазарот на трудот, зголемувањето на конкурентноста на македонската економија итн. Оттука, бидејќи бројките го говорат токму спротивното, не ми останува ништо друго освен да се запрашам: Дали луѓево се толку необразование, па не знаат што говорат, дали се обидуваат со ефитини изјави и реклами да ја манипулираат јавноста или пак се чувствуваат толку комотни да веруваат дека секоја трипати повторена лага станува вистина?
Табела 3. Ученици кои завршиле редовно средно образование во Р. Македонија |
|||||||
|
2006/07 |
2007/08 |
2008/09 |
2009/10 |
2010/11 |
2011/12 |
2012/13 |
Гимназија |
9357 |
9277 |
9081 |
9354 |
9230 |
9324 |
9417 |
Трговска, економска, правна и угостителско-туристичка |
4549 |
4388 |
4271 |
4912 |
4607 |
5315 |
4718 |
Здравствена |
2101 |
2457 |
2447 |
2594 |
2669 |
2868 |
2905 |
Електротехничка |
2142 |
1943 |
2052 |
2039 |
1922 |
1951 |
1990 |
Машинска |
2077 |
1718 |
1685 |
1535 |
1609 |
1549 |
1716 |
Земјоделска, ветеринарна и шумарска |
1092 |
1026 |
1077 |
950 |
938 |
865 |
910 |
Текстилна и кожарска |
1147 |
938 |
794 |
802 |
756 |
635 |
525 |
Сообраќајна и автотехничка |
550 |
561 |
611 |
815 |
841 |
719 |
749 |
Xемиско-технолошка |
632 |
643 |
610 |
664 |
634 |
726 |
664 |
Лични услуги |
391 |
414 |
413 |
474 |
522 |
609 |
652 |
Уметничко образование и физичка култура |
358 |
319 |
338 |
400 |
410 |
430 |
533 |
Градежна и геодетска |
302 |
305 |
303 |
375 |
268 |
318 |
356 |
Прехранбена |
406 |
371 |
204 |
171 |
167 |
191 |
118 |
Геолошка, рударска и металуршка |
171 |
130 |
144 |
144 |
134 |
131 |
156 |
Графичка |
136 |
143 |
134 |
98 |
118 |
107 |
119 |
Дрвопреработувачка |
218 |
67 |
46 |
18 |
17 |
20 |
18 |
Вкупно |
25629 |
24700 |
24210 |
25345 |
24846 |
25758 |
25546 |
Извор. Статистички годишник на Р. Македонија |
На крајот од оваа кратка анализа на резултатите од реформаторското образовно политиканство ќе се навратиме на рамковно-патриотското планирање на иднината на младите генерации. За таа цел ќе ги разгледаме збирните податоци од конкурсот за упис во средното образование во 2014 година, објавен од страна на тогашниот министер, кои се дадени во табелата 4. Како што може да се види, за упис во учебната 2014/15 година во средните училишта финансисрани од државата е објавен конкурс за вкупно 34971 ученик, па ако се земе дека во приватните средни училишта се запишуваат околу 500 ученици, добиваме дека во напливот на реформаторскиот занес некој предвидел упис на ниту малку ниту многу, туку на приближно 35500 ученици. На прв поглед ништо спорно.
Но, тоа е само на прв поглед, бидејќи бројот на завршените осмооделенци не е повеќе од 23000. Што ова значи, не треба посебно да се говори, но добро е да се забележи дека бројот на објавените места за овој конкурс е само за околу 55% поголем од бројот на учениците за кои е распишан. Како е дојдено до оваа бројка? Кој генијалец скроил ваков конкурс? Шегата настрана! Повеќе од јасно е дека до оваа бројка не е дојдено ниту со анализа, ниту со некакво планирање. Едноставно, препишувани се бројките, т.е. конкурсите кои се објавувани години наназад, при што заради бракот од интерес, т.е. зачувување на владеачката коалиција и за ништо друго се додавни нереалните барања на одредени субјекти, кои барања придонесуваат за ваквата трагикомична ситуација, која покажува колку луѓето кои го водат образовниот систем навистина не знааат. Е, господо, можда со препишување може да се заврши средно образование, да се положи екстерно тестирање и да се заврши факултет, но со препишување не може да се води така сложен систем како што е образованието. За водење на ваков систем потребни се сериозни знаења и способности, што значи дека не се доволни ефтините политички памфлети дека некој се залага за квалитет и дека некој мисли на иднината на младата генерација.
ДАЛИ НА ДРЖАВАТА ѝ Е ПОТРЕБНО ПЛАНИРАЊЕ?
Имено, токму претходно изнесените податоци говорат дека вие ниту малку не мислите на младите генерации, туку се грижите како само подолго да ги задржите удобните фотељи, без обзир на цената која граѓаните сега или одложено ќе ја платат. А сметката богами ќе дојде. Ако не верувате, тогаш доволно е само да прочитате дека сте предвиделе 4000 ученици да можат да се запишат во здравствена струка, а додека во прехранбена само 136. Што ова значи, мене ми е јасно, но вие сигурно не разбирате. Но, ајде вие што не разбирате, не разбирате. Меѓутоа, просто се чудам како не реагирала Агенцијата за вработување, која ете се труди да го подобри пазарот на трудот, да го намали бројот на невработените (со сите сили и средства). Та зарем и авторитетите во ова “независно” тело не знаат да прочитаат елементарни показатели. Зарем и нив ги зафатил реформаторскиот занес, во кој се е дозволено?
Табела 4. Конкурс за упис во државните средни училишта во учебната 2014/15 |
|
Гимназија |
11189 |
Трговска, економска, правна и угостителско-туристичка |
5544 |
Здравствена |
4002 |
Електротехничка |
2716 |
Машинска |
2462 |
Земјоделска, ветеринарна и шумарска |
1836 |
Текстилна и кожарска |
1394 |
Сообраќајна и автотехничка |
1034 |
Xемиско-технолошка |
1190 |
Лични услуги |
850 |
Уметничко образование и физичка култура |
680 |
Градежна и геодетска |
782 |
Прехранбена |
136 |
Геолошка, рударска и металуршка |
476 |
Графичка |
136 |
Дрвопреработувачка и шумарска |
544 |
Вкупно |
34971 |
Претходно, споменав дека во случајов станува збор за рамковно-патриотско планирање, па затоа сум должен ова малку да го појаснам. Имено, ако добро се погледне споменатиот конкурс, тогаш лесно може да се воочи дека во здравствената струка сте предвиделе 20 паралелки за медицински сестри на македонски јазик, со вкупно 680 ученици и тоа не е спорно, меѓутоа запрепастува податокот дека во истиот конкурс за упис на медицински сестри сте предвиделе ни малку ни многу туку 21 паралелка на албански јазик со 714 ученици. Е ова навистина е генијалност, па според кој критериуми е дојдено до ваквите бројки или тоа едноставно е резултат на рамковно-патриотското договарање на реформаторите. Конечно, за да биде појасно каква е состојбата еве, на крајот да споменеме дека во Скопје се предвидени 5 паралелки за медицинкси сестри на албански јазик, а 4 на македонски јазик, бројки кои во никој случај не се во насока на квалитет или пак се резултат од некое планирање, туку едноставно се производ на добро познатите настани од пред неколку години.
На крајот од ова мое писание, не ми преостанува ништо друго, туку да се запрашам дали на државава и е потребо било какво планирање и проектирање. Очигледно не, барем додека вака успешно некој не реформира и ете придонесува за подобрување на квалитетот, за развој на образованието според потребите на пазарот на трудот и сето тоа добро го поткрепува со ефтини по содржина, но финансиски скапо платени реклами, анализи од некакви инстант иститути, соопштенија од разноразни невладини коалиции и центри, поткрепени со повремени и привремени површни настапи на експерти, аналитичари и квазиинтелектуалци, нешта видени во поблиското и подалечното минато, но не со ваков интензитет.
Д-р Самоил Малчески