Реформаторите на ВМРО-ДПМНЕ се за трајно СЈО и специјален суд кој ќе ги гони политичките елити

by fokus

Иницијаторите за реформи во ВМРО-ДПМНЕ денеска реагираа и побараа дел од раководството на партијата да појасни, кој и зошто се потпишал на одлуката за формирање на СЈО, односно дали за тоа биле прашани партиските тела како општинските, Централниот и Извршниот комитет.

Во врска со обвинувањата кои беа објавени на еден портал близок до поранешната власт, со наслов „КОДОШАНА КОЈА МИСЛИ ДЕКА МОЖЕ ДА БИДЕ РЕФОРМСКА: Александар Михајлоски се пријавил за заштитен сведок на СЈО за да лапа уште пари и да го кодоши ВМРО!“, Михајлоски објаснува дека бил повикан во СЈО да даде изјава како сведок (а не како заштитен) заедно со други лица, покана за која постои законска должност, како што вели, да одговори и да даде исказ, како и секој граѓанин на оваа држава.

-Според неофицијални сознанија повеќе од 1000 членови на ВМРО-ДПМНЕ се повикани да дадат изјави како сведоци и во други својства од страна на СЈО во изминатиот период. Во таа смисла отворено прашувам кој ќе понесе политичка одговорност што во 2015 со потпис на ВМРО-ДПМНЕ, а без внатрешна дебата е воспоставен орган, кој сега покрена повеќе обвиненија против членови на партијата и други лица, и во кои постапки се инволвирани 1000 членови на партијата, прашува Михајлоски.

Петар Богојески, исто така дел од иницијативата за реформи во ВМРО-ДПМНЕ појаснува дека тие се за тоа СЈО да стане трајна институција во Македонија, која заедно со специјален суд во иднина ќе ги гони сите политички елити, вклучително и оние од минатото. Иницијаторите сметаат дека поради дел од раководството на партијата, членовите биле доведени во ситуација да одат на распити и да бидат испрашувани во СЈО.

Катерина Смилева

 

Поврзани новости