Советот на општина Валандово вчера вечер ја поддржа иницијативата на подносителот на барањето за одржување на референдум во Валандово каде граѓаните ќе се изјаснат дали се за или против работењето на рудниците во Казандол и Башибос.
Сепак Советот ја одложи уште за најмалку три дена одлуката за референдумско изјаснување.
Ваквата одлука валандовскиот Совет ја донесе поради потребата од консултации на претседателот на Советот со Закононодавно-правната комисија за правната издржаност на одлуката, пренесе МИА.
Подносителите на барањето за референдум, сепак се резервирани во однос на одлуката бидејќи по три дена истекува и мандатот на градоначалникот и советниците поради што сметаат дека локалната власт си купува време за да не се изјасни по барањето за референдумот.
Во Гевгелија граѓаните веќе одржаа референдум и се изјаснија против отварањето на рудниците, додека општина Дојран и општина Богданци исто така донесоа одлуки да се одржат референдуми на 18-ти и 11-ти јуни.