Денес жителите на Општина Неготино се сведоци на едно грубо кршење на законот и непочитување на слободната волја на народот, од страна на локалната власт. И покрај тоа што се собраа потребните потписи за распишување на референдум против изградба на депонија на локално ниво, на денешната седница на Советот не беше одреден датум за референдум – информира активистот Љубе Темелков.
На денешната седница на дневен ред беше ставено разгледување на Предлог за распишување на референдум на локално ниво. Сепак, како што ни изјавија активисти од Ековита кои беа присутни на седницата, градоначалникот Тони Делков и дел од советниците сметале дека референдумот е беспредметен и само ќе и донесе непотребни трошоци на општината, бидејќи според нив, проектот депонија за индустриски и инертен отпад е стопиран.
-3.323 граѓани на Општина Неготино не значат ништо за поголемиот дел од советниците на советот на општината. На ден 29.01.2020 беше свикана вонредна седница на која точката од дневниот ред ,,Разгледување на Предлог за распишување на референдум на локално ниво” беше изгласана за БЕСПРЕДМЕТНА точка.
Согласно став 2 член 28 од Законот за локална самоуправа, Советот на Општината е должен да одреди датум за одржување на референдум, а согласно став 1 член 81 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓанитe тоа треба да го стори во рок од 30 дена од денот на приемот на предлогот со барањето и потписите – информираат од Ековита.
-Референдумот е единственото решение на територијата на Општина Неготино, ниту сега, ниту пак во иднина да не се дозволи изградба на депонија, без оглед кој е на власт, и без оглед на тоа за која парцела се работи. 3.323 граѓани во изминатиот период излегоа и го дадоа својот потпис. Според законот за референдум, граѓаните преку референдум можат да одлучуваат за прашањата од надлежност на општината, како и за други прашања од локално значење – вели активистот Темелков.
Тој потсетува дека според закон Советот е должен да распише референдум на барање од најмалку 20% од избирачите на општината, услов кој што е исполнет.
-Одлуката за референдум е задолжителна за Советот. Советниците беа должни единствено да одредат датум за референдумот, тие немаат законско право да ја погазат волјата на народот. Поради тоа, ќе реагираме до Државниот правобранител, ќе бидат известени сите надлежни институции и органи за ова што се случува во Неготино – тврди Темелков.
Додава и дека во случајов се запазени сите законски процедури во случајот. Овластен претставник на предлагачот образецот со потписите на граѓаните за предлогот за кој е покрената иницијатива на локално ниво го доставил до претседателот на Советот, Диме Витанов, во рок од три дена по собирањето на потписите. Потоа, Советот има законска должност да одлучи во рок од 30 дена по приемот на предлогот.
-Народот е тој кој што одлучува дали ќе има референдум, а не Советот. Должност на Советот е да одреди датум, но во случајов, Советот се стави над законите, а граѓаните со право се револтирани. Наскоро видео снимка од седницата ќе биде објавена на каналот Јутјуб, јавноста ќе може да види како течеше седницата. Не се откажуваме од нашето законско право, ќе ги искористиме сите правни алатки да го оствариме правото за референдум на граѓаните – порача активистот Темелков.
На претходната седница на Советот, пред пет дена, од Ековита информираа дека Советот ги поништил сите претходни одлуки донесени во врска со депонијата. Исто така, информираа дека претседателот на Советот, Диме Витанов им ветил дека на наредната седница, која се одржа денес, ќе биде одреден датум за референдум.
Во изминативе месеци, откако беше најавен проектот депонија за индустриски и инертен отпад во Неготино, граѓаните видно се вознемирија и реагираа да победи разумот и грижата за здравјето и животната средина над профитот. На почетокот, градоначалникот Делков во два наврати, во видео обраќање ги убедуваше неготинчани дека депонијата е безопасна. Набргу потоа, им порача, повторно во видео обраќање, дека тој и советниците на СДСМ и коалицијата, заедно со дел од администрацијата го слушнале гласот на народот и депонија нема да се гради.
По инсистирање на јавноста да го приложи јавно решението за стопирање на проектот, по три дена тој го објави решението во кое е наведено дека постапката е запрена поради негативно мислење на Државното правобранителство.
Според правобранителството, негативно мислење е дадено бидејќи огласот за продажба не соодветствувал со одлуката на Владата, и не бил испочитуван Членот 75 од Законот за градежно земјиште. Но, според решението, тоа не значи крај на проектот депонија, туку напротив, во решението има поука за жалба во рок од 15 дена до Министерството за транспорт и врски.
Од компанијата П&П која која била единствен понудувач и со која била завршена продажбата на државното земјиште по цена од 500.000 евра, најавија дека ќе го обжалат решението.
Токму поради тоа, граѓаните сметаат дека референдумот е единствена гаранција дека во иднина нема да се гради депонија на било која локација во општината.
Вики Клинчарова