Од почетокот на пандемијата вкупно 49,2 отсто од сметководителите имале КОВИД, а над 54 проценти од нив биле болни во најкритичниот период, од декември до март, покажува онлајн анкетата што ја спроведе Комората на сметководители при Сојузот на стопански комори.
Комората денеска на прес-конференција пред Министерството за економија јавно праша дали и по овие бројки институциите ќе останат на ставот да не се пролонгира рокот за годишните сметки и финансиските извештаи.
-Од вкупно регистрираните 10.000 сметководители, над 4.900 биле заболени од КОВИД. Од нив, 2.660, сега, поради нелогичното инаетење на институциите, се приморани да мислат за запазување рокови и по цена на живот. Фрапантните бројки не запираат тука. Воопшто не е за занемарување и бројката на колегите кои иако не биле заболени, биле во изолација поради членови на семејството, клинети или колеги. Дури 65 отсто или 6.500 се изјасниле дека сериозно бил нарушен текот на работа од оваа причина. Дали после овие бројки министерот ќе донесе разумна одлука за пролонгирање на роковите или и натаму ќе продолжи да го негира уставното право на секој граѓанин – правото на боледување, останува да видиме, рече Александра Андреева, член на Управниот одбор на Комората.
Согласно законските можности, нагласи Андреева, пролонгирањето може да биде до 31 март 2021, без измени во Законот.
-Нашето првично барање, со измени во Законот, беше пролонгирањето да биде до 30 април за хартиено поднесување и до 15 мај за електронското, но изминаа сите реални можности за законски измени и затоа сега се повикуваме на она што е веќе постоечко во актуелниот Закон, дополни Андреева.
Таа повтори дека сите проекции што ги прави државата – за иден можен раст на економијата, каде да се инвестира или кој сектор напредува, а кој назадува, зависат од податоците кои ги доставуваат токму сметководителите во финансиските извшетаи и годишните сметки.
– За какви статистички податоци зборува министерот кога поради нивниот игнорантски однос години наназад, цела професија тивко умира. Од непреченото извршување на оваа дејност зависат сите економски процеси. Со неточни податоци од старт имаме погрешна, неточна основа за погрешни проекции, подвлече Андреева.
Комората на сметководители подолго време наназад реагира до министерствата за економија и за финансии со барање да се пролонгираат роковите за завршните сметки и извештаи.