„ТОРБЕШКИ“ ИХТИЗИ И ЈАНЅИ

by Fokus

Колку ли ќе ја чинеше државата барем еден наш советник на господинот Заев, кој најдобро ќе го посоветуваше како да ги смири генераторите што произведуваат гнев, кај најлојалниот но истовремено и најпонижениот дел на македонскиот народ

Пишува: Реџо МУСЛИОСКИ

Еве ме по долга пауза од мојата Река, која со својата невиност и убавина, од исселувачкиот бран здробена. Секое утро се буди во прегратките на звукот од самотијата, која застрашува, особено кога громови го сечат воздухот над Река. А тој, пак, радичкиот камен белутрак на кого му е судено да молчи, истесан со вештината и трпението на овдешните мајстори, вграден со љубов на убавите, а денес празни куќи, каменот чиниш дека пее, да, ја пее песнатата на згаснатата надеж, за тие што се сакаат, а неможат да бидат заедно. Радика, пак,  љута на човекот, како да испушта душа со пенлив здив, ги нема веќе нејзините весели бранови, зашто таму каде што има луѓе, има и надеж.

Реканците одамна сфатија дека кризата не е тоа што минува, туку животот, затоа одлучија адресата на иднината ако ја немате дома, да ја барате надвор. Патуваа не упатени, првите што заминаа имаа само пасош и малку повеќе храброст. Цицачите пак, на државниот буџет, нѐ убедуваа дека ќе бидеме привремено вработени надвор. Нас, пак, како што не дал Господ нѐ препознавме, дека во нивните големи изливи на лицемерие било скриено нашето останување таму до крајот животот.

Пишувајќи ги овие редови како оправдано да ме опоменува вистината, дека овде од памти век нашата неодминлива судбинска патека за опстојување било печалбарството, иако од сѐ најмногу заработувало тага, за што мудриот Реканец, печалбар ќе рече: Сите работи што ми беа потребни за на гурбет ги собирав во две торби, ама болката што ја имав во себе за тие што ги оставав зад себе, немаше торба што можеше да ја собере. Копнежот беше ти бил неизлечива болка која постојано ме прогонуваше на моето враќање дома, во мојата хероина Река.

ЕТНОПОЛИТИЧКА ГЛАВОБОЛКА

Со воведов како да ја здолжив, еве да се вратам на темата. Додека го острев перото да влезам во филмот „торбешки“ ихтизи и јанѕи ете ти го мојот помлад брат онака подбивно ми вели: Нашава тема како да ти стана домашна работа, аман веќе, доста гребиш по тие наши рани, кои и без тоа неподносливо болат, уште ли не прифаќаш дека никакви исцелители неможат да ја смират нашата етнополитичка главоболка. Зарем не разбираш дека една птица не ја чини пролетта.

Не дека не разбирам,  му возвратив, ама и ти треба да разбереш дека една лоша пролет може да направи да ги снема сите птици. Зарем и натаму молкот да ни биде наша „мудрост“ и натаму ли ќе бидеме слабогласни, кога ја живееме видливата реалност, како гласноста го моделира нашето опшество. Зарем и натаму нашите горливи прашања ќе ги оставаме на времето, кое од секогаш маѓепсано молчело за иднината на овој автохтон народ. Зборот иднина понекогаш има наивно значење, за што Албер Ками ќе рече: „најголемата великодушност кон иднината да ѝ дадете сѐ на сегашноста“. А нашата сегашност што е, ако не е резултат на минатото.

Од секогаш сум бил убеден дека овој народ не ќе може било што да промени во животот и политиката без свое политичко организирање, затоа ПЕИ ја гледав како партија на надежта. Не дека моето искрено членство во ПЕИ сакам да го користам како повод за моја гордост, ама не кријам дека не ги поднесувам сончогледите од нашиот етникум. Исто така знам дека со моево оплакување на изгубените цели го навлекувам гневот на политичките далтонисти од нашите редови, кои моиве погледи ќе ми ги амбалажираат како однос кон мене, овој пак имал лошо будење,  запнал ПЕИ та ПЕИ, како да нема друга работа.

За нив еве го мојот одговор, со што ли уште треба да му напакостите на својот народ, за да му биде доста. Многу тешко се одлучувам за употреба на зборот историски, ама раѓањето на ПЕИ беше ден за наша историја, заради што започнавме да ја уриваме старата политичка архитектура на монопол врз овој народ. За таквата висока цел требаше да ги збиеме нашите редови, арно ама во нашите збиени редови имавме повеќе згмечени, а способни од тие на кои членството во ПЕИ им беше политичка забава.

ПЕИ како да не е  присутна во својата база, колку сте помалку присутни таму сѐ погласно се вреви, вревата е идеал за полтроните меѓу нас кои лицемерието го издигаат до ниво на чесност. Благодарение на таквите наши идеолошки комесари, би рекол официри за врска со другите политички партии ѝ при постоење на ПЕИ и натаму остануваат наши „медени“ политички стапици, чии асортиман на политички понуди кон нас видовме, дека се свежи само до денот на изборите.

ЗОШТО ПЕИ НЕ ПРОПЕА

Не само тоа, тие и не кријат дека со леснотија ја обработуваат нашата плитко орана политичка градина, каде земјата плаче што по нејзе газат нашите продадени души. Со ПЕИ искрено само сакавме делотворно да се преселиме од „торбешкиот“ политички панаѓур како народ на политичкиот пазар во замјава, резултатите на тој пазар требаше да ни бидат сведоци за нашите ветувања и храна за нашите политички очекувања. Место тоа во нашите средини сѐ погласно се слушаат муабети, од типот, ви велев јас од нас ништо не бидува, толку ни бил нас ксметот овде, толку од нашите надежи измешани со висока доза на  калорична мешавина од лук и вода.

Не дека не сум пишувал зошто ПЕИ не пропеа, но како уште нешто да се бунтува во мене и ме потсетува на моите истородници отидени во Европа кои со својата чесност и градителски вештини високо го оддржуваат угледот на нашава земја, а дома никој ни за живи не нѐ споменува, не дека заради тоа сум во емотивен хаос, ама признавам дека сум под адреналински удар.

Во преходните мои јавувања изгледа залудно се обидов да го извлечам „торбешкиот“ етно политички количник во македонската политичка равенка на апсурдот, со само една непозната, кој ја напишал книгата на нашето проклетство. Целта со ПЕИ да го обединиме овој народ испадна безнадежно вложен труд, партијата која требаше да не брани и одбрани, од сите милозвучни политички ветрови од другите политички партии во земјава, не само што за жал не пропеа туку и цврсто не прооди, заради што се чувствувам оптоварен со горчина, гнев и презир кон сите шмеќари што придонесоа ПЕИ да го изгуби правецот  што му прилега на името.  Последиците од тоа не се казна туку резултат, па си велем чувај нѐ Господе од нас самите, ако останало нешто во нас за чување.

За волја на вистината, имавме сериозен почеток, за да потоа неочекувано влеговме во прегратките на политички распад. Писателот Џејмс Допсон за ваквите случувања вели: „големите почетоци не се толку важни, како начинот на кој завршуваат“. Јас би додал барем треба да нѐ опоменуваат од грешките да извлекуваме лекции, а не фрустрации и оправдувања со изговори како најлесен изум во замена за одговорноста.

Не е непознато дека часовниците за мерење на одговорноста кај дел на луѓето во политиката, како по правило предоцна ѕвонат. Во името на старите денови ни случајно не сакам да го навредам нашиот лидер за кого со почит на основачкиот конгрес ги искажав следниве зборови: Среќни сме што партијата ќе ни ја води лидер на кого од душата му извира питомина, а од очите виделина, како првенец во високото приватно образование.

НЕМА ЛИДЕРИ СВЕТЦИ

Ама во името на нашите високи цели денес не можам, а да не му забележам дека со неговото лидерство, на овој народ ползењето и натаму му остана слобода на движење во политиката, дозволи факторот време да нѐ прегази како услов кон нашите политички цели и така место да ги истераме нашите невољи, ние ги дуплиравме, бидејќи ПЕИ почна да произведува полтрони, а внатре партиската кадровска политика се засноваше на полтронски верности, наместо одработени вредности, со што лидерот ја пушти колата во лер на ризична надолнина од која денес се збунети и возачот и патниците.

Јас многу добро знам дека нема лидери светци, има само лидери луѓе, ама има и зависници од лидерство како болест наречена уште. Парите и моќта не треба да опиваат и да ви дадат за право да не можете да проценете кога треба да си заминете. Во моментов штотуку ја навлеков кошулата на политичко неверство, во превод, еве овој почнал да го мерка лидерското место во ПЕИ. Таквата помисла не е мој предизвик, ама колку да се знае на основачкото собрание првиот предлог за лидер на ПЕИ беше моето име. Јас со моето издржано образложение зошто не прифаќам, од присутните беше поздравено со силен аплауз.

Сега нешто за нашата владејачка коалициска дружба, за што еднаш јавно го прашав нашиот лидер, зошто само ПЕИ не е на менито на големата маса на владејачката коалиција. Морам да признам дека кога поставувам вакви прашања во главава ми зовираат безброј прашалници, ама во мене овој пат како да вреска еден голем прашалник со извичник. Зошто овде, кој и да дојде на власт, никако да се изнедри брут првенец да ја обесиме нашата тешка „торбешка“ торба во некои од владините кабинети, се разбира би бил неодговорно наивен, ако спомнам министерски кабинети. Како да ни е доста од сожалување нас ни треба коалициско почитување, изнудено сожалување е изнудена навреда.

Јасно ми е дека секој пост изборен простор е преполн со лични и колективни фрустрации. Но, како да е премногу да немате ниту еден од нашата партија на повисока позиција во изршната и законодавната власт. Но ние, како по навика иако со воздивнување, го проголтавме тој демократски десерт. Колку ли ќе ја чинеше државата барем еден наш советник на господинот Заев, кој најдобро ќе го посоветуваше како да ги смири генераторите што произведуваат гнев, кај најлојалниот но истовремено и најпонижениот дел на македонскиот народ.

.

 

 

Поврзани новости