Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска го започна претресот по Ребалансот на Буџетот. Согласно Деловникот, претресот треба да заврши за десет дена. Поднесени се 222 амандмани, од кои 154 од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Предложениот ребаланс на Буџетот, чии клучни сегменти се зголемување на капиталните инвестиции и продолжување на поддршката за стопанството, го образложува заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски. Тој рече дека предлог-Ребалансот на Буџетот за 2021 година заслужува конструктивна дискусија базирана на аргументи, меѓусебно почитување и и го повика сите пратеници да го поддржат.
Со предложениот Ребаланс на Буџетот за 2021 година главни приоритети, како што кажа, остануваат здравјето на граѓаните, здрава економија и здрави финансии и општество воопшто. Документот ги отсликува економските и социјалните политики што ќе ги спроведува Владата, а кои се насочени кон остварување на клучните цели утврдени со стратешките приоритети.
–Вкупните приходи со измените и дополнувањата на Буџетот на Република Северна Македонија за 2021 година се планирани на ниво од 222,6 милијарди денари и истите се за околу 10 милијарди денари или за 4,7% повисоки во однос на иницијалните проекции на Буџетот, рече Ковачевски.
Опозицијата критикува дека земјава го достигна највисоко ниво на долгот.
-Јавниот долг во Македонија веќе го достигна највисокото ниво во нашата историја. Сите ние должиме над 7 милијарди евра, што претставува 63% од Бруто домашниот производ. Никогаш не сме биле позадолжени. СДСМ кога ја презема власта јавниот долг изнесуваше 4,7 милијарди евра и беше на ниво од 46%. За само 4 години владеење јавниот долг е зголемен за нови 2,4 милијарди евра. Овде би сакал да потенцирам, дека за првпат во историјата на Македонија, јавниот долг е двојно поголем од вкупните буџетски приходи. Едноставно кажано, јавниот долг е толку висок, што за истиот да биде анулиран, ќе биде потребно две години да плаќаме даноци и придонеси кон државата, пензионерите да не добиваат пензија, докторите да не добиваат плата, земјоделците да не добиваат субвенции, да нема ниту денар за изградба на градинки, училишта, болници, спортски објекти итн. Имаме разбирање дека е светска економска криза, но немаме разбирање за недоволниот капацитет, незнаењето и неодговорното однесување на власта, рече Тимчо Муцунски од ВМРО-ДПМНЕ.